Ферај: Мерко и Вулин се на црната листа на САД за корупција и криминал, Вулин даде оставка, а Мерко ужива спокојно, Ковачевски го задржа!

„Градоначалникот на Струга Рамиз Мерко и директорот на Безбедносно-информативната агенција (БИА) на Србија Александар Вулин беа внесени на црната листа на Стејт Департментот на САД, поради корупција и организиран криминал. Но, Вулин беше присилен да даде оставка, а Мерко си ужива сосема спокојно. Струга е посилна од Белград и стои стои цврсто наспроти САД!“ – со оваа вчудовидувачка објава се огласи на својот фејсбук-профил Хусамедин Ферај, еден од политичките советници на Албин Курти, премиерот на Косово и лидер на владејачката косовска партија Ветвендосје (Самоопределување), со најголемо влијание врз него. Ферај е член на Генералниот совет на Ветвендосје, едновремено и нејзин идеолог, заедно со Елвис Хоџа. Ферај е и функционер во Владата на Косово.



Со оглед на високата позиционираност на Хусамедин Ферај во официјалната косовска политика, загадочно е значењето на неговите зборови дека „Струга стои цврсто наспроти САД“! Дали косовскиот политички фактор и ДУИ од Македонија им пркосат, им се спротивставуваат на САД како држава и на одлуката на Стејт департментот да се стави Рамиз Мерко на црната листа на САД, поради вмешаност во корупција и организиран криминал, или молкум се дозволува „Мерко да си ужива сосема спокојно“ од засега се уште непознати причини?!

Еве го интегралниот текст на објавата на Хусамедин Ферај на неговиот фејсбук-профил: „Рамиз Мерко е посилен од Александар Вулин, Ковачевски е посилен од Александар Вучиќ, а Струга е посилна од Белград!

Мерко и Вулин беа внесени на црната листа на Стејт Департментот на САД, поради корупција и организиран криминал. Но, наспроти Стејт Департментот,

– Вулин беше присилен да даде оставка на позицијата, а Мерко ужива сосема спокојно;

– Вучиќ го отпушти Вулин, а Ковачевски го задржа Мерко;

– Белград се предаде наспроти САД, а Струга стои цврсто наспроти САД.“

Инаку, на 28 јули годинава преку колумната со наслов „Да бев Албанец во * Македонија“, објавена во весникот на албански јазик „Лајм“, Хусамедин Ферај упати повик до Албанците во Македонија „исто како и Грција и Бугарија кон Р*М, да започнат и тие да применуваат сила, заради признавањето и издигнувањето на својот уставен статус како народ, на тој начин да си ги добијат своите права“!

Тогаш Ферај им порача на Албанците од Македонија: „Македонските словенски властодршци ја разбираат само силата, но не и логиката и правото. Само благодарение на силата на Грција ѝ го сменија името на Републиката и само благодарение на силата на Бугарија ги вклучуваат Бугарите во нивниот устав. Бугарија и Грција имаат моќ да го условуваат и да го одложуваат членството на Р*М во ЕУ, заради своите права, а ЕУ ги одобрува нивните ставови и однесување кон Р*М. Исто како и Грција и Бугарија, треба и Албанците во Р*М да почнуваат да применуваат сила за признавање и издигнување на својот уставен статус како народ, но да побараат дури и подлабоки права за себе во дефиницијата на државата. Албанците во Македонија треба да ја поддржат предложената промена на Уставот, поврзана со Бугарите.“