Македонците од Австралија од 2025 година со фудбалски второлигаш – Престон лајонс

Фудбалскиот клуб Престон лајонс, попознат како Престон Македонија до забраната за клупски имиња што имплицираат националност, од 2025 година ќе настапува во новоформираната Национална втора лига (НСТ) како еден од нејзините осум основачи.



„Основан во 1947 година. Со страсни следбеници и прогресивна култура, Престон лајонс од северните предградија на Викторија е подготвен да додаде ново поглавје во својата славна историја“, соопшти денеска Фудбалската федерација на Австралија.

Покрај најпопуларниот клуб на Македонците од континентот, второлигашката конкуренција по две години ќе ја сочинуваат уште АПИА Лајххард тајгерс, Авондејл, Маркони сталионс, Саут Мелбурн, Сиднеј олимпик, Сиднеј јунајтед и Волонгонг вулфс. Во почетокот на 2024 година, по дополнителната евалуација на апликациите од Федерацијата, ним ќе им бидат додадени уште два до четири клуба.

„Лавовите“ од Престон, северно предградие на Мелбурн, сезонава во Националната Премиерлига на Викторија 2, третолигашка конкуренција во Австралија, како новопромовиран учесник завршија осми меѓу 14 екипи.

Клубот што настапува на стадион со капацитет од 8.000 гледачи и кој ја има една од најбучните публики на континентот, најголемите успеси ги жнееше пред четири децении, кога 13 сезони настапуваше во тогашната најсилна лига на Австралија, НСЛ. Во 1987 година, кога Вардар ја освои шампионската титула во СФР Југославија, Престон лајонс стана вицешампион на Австралија.

Дресот на гордоста на австралиските Македонци го имаат носено 20 сениорски репрезентативци на Австралија, а 13 имаат играно и за младата селекција на оваа земја. Сегашниот помошник-тренер во клубот Саша Огненовски, фудбалер на годината во Азија и МВП во Азиската Лига на шампионите во 2010 година, има 22 настапи и 1 гол за „сокероси“, а некогашниот вардарец Жарко Оџаков 13 меча и 3 погодока.

Тренер на Престон лајонс беше и првиот селектор на фудбалската репрезентација на Македонија, Андон Дончевски, кој со Вардар стана шампион на СФРЈ.