„Теренот во Северна Македонија е во ужасна состојба, повторно поставен пред шест недели, а на врвот има слој од крупен песок и камења“.
Вака англискиот портал „Токспорт“ го опиша новиот тревник на Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје, на која вечерва од 20:45 часот ќе ги одмерат силите фудбалските репрезентации на Македонија и на Англија во резултатски неважниот дуел на крајот од квалификациите за Европското првенство 2024 во Германија.
„Тој е прилично ужасен“, вели репортерката на „Токспорт“ од Англија, Феј Карутерс, која можела да го прегледа теренот одблиску и даде увид колку (не) е добар. „Отидов и ги погледнав блиските четвртини минатата ноќ и изгледа нечисто. Кога ќе се спуштите веднаш на теренот, изгледа навистина лошо. Тревникот е повторен пред шест недели и не е исплетен како што треба. Во него има прилично крупен песок и камења“.
Според неа, од состојбата на теренот во Скопје биле загрижени и менаџерите на англиските премиерлигаши што даваат репрезентативци на Гордиот Албион поради опасноста од повреди.
„Не изгледа одлично. Повредите се грижа и ќе има менаџери во Премиер лигата кои внимателно ќе го разгледаат тоа. Не е идеално. Северномакедонците претходно се извинија за ова, затоа што не изгледаше како што треба, тие повторно го поставија и сè уште не изгледа како што треба“, заклучува Карутерс.
Како прилог на нејзиното тврдење порталот го илустрира написот со фотографијата најгоре.





