„Новиот ‘северномакедонски’ идентитет станува стварност, бидејќи сите го поврзуваат со новото име на државата. Власта повеќе не реагира на секојдневните ‘грешки’, што доаѓаат од страна. Главната цел на промената на државното име и на сите оние што инсистираа на тоа е создавање целосно нов идентитет, со што би му се ставило крај на македонското прашање на Балканот. Вратите за овој идентитетски инженеринг беа отворени со Преспанската спогодба. Бугарија и Европа сега сакаат да го завршат целиот процес. Софија бара внесување на Бугарите во Уставот, за да го наметне бугарскиот идентитет на овие простори. Се асимилира македонското малцинство и во соседните земји и се брише секаква трага дека на овие простори постои македонски народ.“ – предупредува новинарот Сашо Таневски во својата анализа со наслов „Неоспорно е веќе дека северномакедонскиот идентитет“ се турка кон официјалност“, која ја објави весникот „Нова Македонија“.
Покрај другото, натаму во анализата се истакнува: Можеби и затоа е толкавото брзање за промена на сите лични документи на македонските граѓани, за да се стави траен печат во обликувањето на новиот „северномакедонски“ идентитет. Сериозните држави дури и на најмало зборовно загрозување на нивниот идентитет реагираат со сета жестина и алатки, што им се на располагање на на нивните институции. Кај нас на таквите напади се реагира анемично, млако, па дури и никако… Такво нешто е недопустливо!
Етноцидната операција за бришење на македонскиот народ се засилува. Создавањето нов „северномакедонски“ идентитет на македонскиот народ веќе се одвива со полн интензитет. Со тоа се потврдија уште еднаш сите стравувања на оние, што се противеа на промената на уставното име на државата, тврдејќи дека новото име на државата создава и нов идентитет. Сега со терминот „северномакедонски“ се означува македонскиот народ и на големо се официјализира: станува секојдневие во политиката, спортот, економијата и многу други области.
Од секаде се слуша „северномакедонски политичари, работници, спортисти, јазик…“
Познавање „северномакедонски мајчин јазик“ стои на еден од огласите за вработување, објавени од американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“, кој е ангажиран од Владата за изградба на делниците од коридорите 8 и 10-д. Коментаторите на спортските канали од регионот, што се емитуваат во македонскиот етер, сè почесто го употребуваат обележјето „северномакедонски“ за фудбалери, за кошаркари, за ракометари, или за други спортски работници. Неодамна и во образложението зошто некои имиња се нашле на новата американска црна листа на Канцеларијата за контрола на средствата и имотот на странци при Министерството за финансии на САД вешто беше избегнат идентитетскиот опис „македонски“ кога се споменуваа поранешни високи функционери: пред нивните функции стоеше само името на државата. Пред некој ден и бугарската потпретседателка Илијана Јотова повторно зборуваше за „северномакедонски народ“.
Без поништување на договорите со Грција и со Бугарија новиот идентитет ќе се востанови и ќе се прифати нашироко
Професорот по меѓународно право Игор Јанев од Институтот за политички студии од Белград смета дека новиот идентитет е резултат на новото име и оти од тоа ново име се изведува и името на народот. „Сè додека не се раскине Преспанскиот договор ние ќе останеме ‘Република Северна Македонија’ и нашиот национален идентитет ќе биде соодветно преобразен: целиот свет ќе ја употребува вештачката кованица ‘северномакедонци’, односно ‘северномакедонска’ и тн. – вели Јанев.
Според него, државата го изгуби основниот елемент на државност, а тоа е суверенитетот, бидејќи не смее повеќе самостојно да си го определи државноправниот идентитет – името. „Воопшто не сте држава кога не можете сами да си го определите нејзиното име. За да постои една држава неопходно е да има население, територија и на суверена власт. Нам ни недостига суверена власт. Со Преспанската спогодба се откажавме од правото на национална самоидентификација и самоопределување. Идентитетот што произлезе од договорот од Нивици е во суштинска спротивност со основните елементи на сувереноста и претставува негова негација.“ – истакнува Јанев.
Ново име, нов идентитет
За него единственото решение да се спречи етноцидот на македонскиот народ преку создавањето „северномакедонска нација“ е едностраното раскинување на Преспанската спогодба и на Договорот со Бугарија. „Секој ‘идентитетски договор’, имајќи предвид дека е спротивен на императивната норма, или на јус когенс – вроденото право на идентитет – може да се раскине еднострано, во согласност со членот 53 од Виенската конвенција за договорно право. Според тој член, од старт се неважечки договорите спротивни на императивната норма. Според истата конвенција, може да се направи истото укинување и со неприменливи договори, какви што се Договорот за пријателство и соработка со Бугарија, кој е асимилаторски, и Преспанската спогодба, која е негаторски инструмент.“ – констатира Јанев.
Исто така, и голем број професори, интелектуалци, аналитичари, експерти од областа на меѓународното право немаат никаква дилема дека со прифаќањето на новото име на државата ќе се создаде и нов идентитет.
„Ние на овој проблем укажувавме уште кога се потпишуваше Преспанскиот договор. Не може државата да се вика ‘Северна Македонија’, а придавката да си остане ‘македонски’, бидејќи не е во духот на зборообразувањето, ниту во духот на германските, ниту во духот на словенските јазици. Истиот момент кога тие потпишаа за ‘Северна Македонија’, истиот момент Холандија и некои други земји го употребија терминот ‘северномакедонци’. Сега тоа станува реалност. За пет-шест години сите ќе нè ословуваат како ‘северномакедонци’ и ќе биде постигната целта за бришење на македонскиот народ. Грците ни го забранија правото на антиката, Бугарите ни ја менуваат поновата историја, така што ќе остане некоја ‘северномакедонска историја’ по 2018 година и таква нова нација.“ – заклучуваат соговорниците.





