Во март годинава Балканот го доби својот „премиер на сите Албанци“ во ликот на премиерот на Косово Арбен Курти, а денес, само по 9 месеци регионот го има и својот „градоначалник на сите Албанци“ во ликот на градоначалникот на Тирана Ерион Велијај!
Ерион Велијај, градоначалникот на Тирана, главниот град на Албанија, ја објави на својот фејсбук-профил видео-пораката на Арбен Таравари, градоначалникот на Гостивар и лидер на Алијансата за Албанците по повод државниот празник на Албанија и Ден на нејзината независност, во која Таравари порачува во некакво својство и како да е домаќин во име на „Сојузот на албански општини“ од Балканот: „Сојузот на албански општини од регионот годинава ќе го прослави 28 ноември во Тирана, што не прави горди! Ерион Велијај, почесниот граѓанин на Гостивар и градоначалник на сите Албанци, не чека таму, во неговата куќа во Тирана, да прославиме, како што знаат само Албанците. Ве поканувам и со нетрпение ве очекувам да се сретнеме во Тирана на 28 ноември! Прославата нека започне.“
Оваа видео-порака е поставена на заедничкиот профил на Велијај и Таравари на општествената мрежа инстаграм, како и во текстуален облик, во облик и на заедничко обраќање на двајцата градоначалници „до сите Албанци“, со дополнителна порака: „На прославата ќе бидеме едно црвено-црно срце!“
Паѓа во очи опкружувањето за време на видео-обраќањето на Таравари од неговиот градоначалнички кабинет во Гостивар, со истакнати знаме на Албанија, на Соединетите Американски Држави и на Европската Унија, но не и на Македонија, државата во која е тој градоначалник и од каде што го прогласува Ерион Велијај како „градоначалник на сите Албанци“!
Со песната „Добредојде во Албанија“ градоначалникот на Тетово и лидер на Беса Билал Касами во март годинава го пречека косовскиот премиер Албин Курти и го прогласи како „премиер на сите Албанци“. Денес само по 9 месеци Таравари му „даде“ на Балканот и „градоначалник на сите Албанци“ во ликот на Ерион Велијај од Тирана! Таравари не го спомена Велијај како „градоначалник на сите Албанци од Албанија“, туку точно како „градоначалник на сите Албанци“! Со тоа му придаде токму „сеалбанска димензија“!
Инаку, споменатиот „Сојуз на албанските општини“ од Балканот опфаќа 3 „албански општини“ од Македонија – Тетово, Гостивар и Чаир од Македонија, како и 9 други: Тирана и Валона од Албанија, Приштина, Призрен, Пеќ и Ѓаковица од Косово, Улцин и Тузи од Црна Гора, како и Прешево од југот на Србија.





