„Партиите од власта, потонати во последователни корупциски скандали, откако насетија пораз на претстојните избори, го поставија „тајно“ џиновскиот крст на Попова Шапка, во област населена со речиси 70 отсто Албанци од исламска вероисповед, со цел да ги заострат меѓуверските и меѓуетничките односи и да спечалат по секоја цена политички поени пред изборите.“ – обвинува Фејзи Хајдари, сопственикот на весникот на албански јазик „Лајм“, во својата колумна со наслов „Никој не може да го постави џиновскиот крст без поддршка на Владата!“.
Хајдари пишува: Досегашната практика покажа дека во оваа земја единствениот фактор, кој може да става џиновски крстови во служба на политиката и да ги заострува меѓуетничките односи, се токму партиите на власт, односно Владата. Се сеќавате на поставувањето на џиновскиот крст на Водно и на „походот на крстоносците“, односно поставувањето крстови и онаму каде што не им е место во 90-тите години од минатиот век? Иако тоа беше тенденциозна кампања, беше направена со претходна согласност на македонските партии, потоа со молчење на албанските партии, за да се испровоцираат Албанците, кои историски демонстрираат толеранција кон другите христијански религии.
Вообичаено, игрите за заострување на меѓуетничките односи се прават во моментот кога партиите во власта ќе насетат опасност од пораз непосредно пред изборите. Стратегиите стратегии од овој тип, опасни и на штета на граѓаните и перспективата на државата, и во корист на партиите во власта, секогаш се играле со координација, согласност и претходна стратегија од страна на партиите на власт, со цел на по секоја цена да се спечалат политички поени.
Поставувањето на џиновскиот крст „тајно“ и со вртоглава брзина покажува дека стапицата, или мамката за заострување на верско-етничките односи, е направена според софистицирано и добро смислено сценарио. Во спротивно, да беше поставен од локалните власти на Тетово, Владата преку МВР веднаш со специјалната единица, ќе дефилираше низ Тетово до Попова Шапка, покажувајќи мускули! МВР веднаш ќе интервенираше, ако некој друг го имаше ставено крстот, а не власта.
Неинтервенирањето на полицијата и комотното однесување на партиите во власта со формални изјави покажува дека тие не се загрижени до потребниот степен, согласно со овластувањата, што ја отвора дилемата за голем сомнеж. Општинските власти на Тетово соопштија дека крстот е поставен без согласност на Општината. Тоа го потврдија и самите претставници на црквата, кои рекоа дека немаат дозвола. Немаше согласност и од Националниот парк.
Ова се два доказа, кои помалку или повеќе го одредуваат и откриваат „насилникот“ и „тајниот“ начин на дејствување, односно поттикнувачот на зголемувањето на меѓуетничката напнатост во пресрет на изборите. Оваа акција најмалку им служи на граѓаните на Тетово. Напротив, во оваа длабока политичко-економска криза таа акција не би послужила никому освен на владејачката политика, која е потоната во последователни корупциски скандали. По сите овие акробации лесно може да се претпостави, кој може да стои зад овој чин и кој има корист од зголемувањето на напнатоста во оваа област, населена со речиси 70 отсто Албанци со исламска вероисповед.
Поставувањето на крстот покажува колку е власта толерантна кон верските православните верски симболи и колку на тоа не обрнуваат внимание албанските партии во власта. Дури и повеќе од тоа: тоа говори за немоќта на албанските партии, како во случајот со Сопот кога по речиси симболичната реакција на ДУИ организаторите на одбележувањето на годишнината во кумановското село Сопот беа присилени веднаш да го тргнат симболот на Етничка Албанија.
Во сите овие провокативни и поттикнувачки бесмислици, како во случајот со Попова Шапка, донекаде може да се разбере однесувањето на македонската политичка партија кога станува збор за крстот, но не може никако да се сфати однесувањето на албанските партии во Владата, кои не реагираат, за да преземат мерки против овие провокативни постапки, што не им служат нималку на стабилноста, спокојот и соживотот.
Прашањето што останува без одговор е: кои Албанци се „за“ поставување на крстот, а кои се „против“?! Или кои се „за“ отстранување на симболот на Етничка Албанија, а кои се „против“?! Колку е слатка и угодна власта, дури и на штета на верските и националните чувства на Албанците!





