Јавниот долг во Македонија само оди на горе, алармираат економистите, кои велат дека мора да се има домаќинско трошење на државните пари, за развој и стабилизација на домашната економија. Државата следната година планира да се задолжи за нови 1,2 милијарда евра, објави РСЕ. Со парите од новите заеми, ќе се враќаат старите долгови, а ќе се покрива и буџетскиот дефицит за следната година проектиран на 545 милиони евра, според Буџетот за 2024 тежок 5,4 милијарди евра којшто го претставија премиерот Димитар Ковачевски и министерот за финансии Фатмир Бесими на 14 ноември.
Јавниот долг во третиот квартал од оваа година изнесува 55,8 проценти од Бруто домашниот производ, што е околу 8 милијарди евра, според податоците кои ги објави Министерството за финансии во октомври. БДП-то на Северна Македонија изнесува околу 13 милијарди евра, односно околу 7 илјади евра по глава на жител.

Откако Владата го усвои Буџетот за следната година, министерот за финансии Бесими рече дека јавниот долг ќе остане во рамките на 60 проценти од (БДП).
„Во однос на задолжувањето во текот на годината, веќе нема да има издавање на еврообврзница, бидејќи две години преговараме поволни услови за финансирање на Буџетот од Европската комисија преку макрофинансиска помош; 100 милиони евра од Светска банка и ОПЕК со закони кои веќе се поминати во Влада и Собрание; 90 милиони евра од развојната германска банка и други потенцијални финансирања, како од банката на Советот на Европа и 170 милиони евра од ММФ. Ова е пакетот за меѓународно финансирање на Буџетот за следната година и од домашното задолжување на пазарите“, изјави министерот Бесими.
Во претходниот Буџет кој беше проектиран за 2023 година, државата испланира да се задолжи за над 1,5 милијарди евра, но ја продолжи практиката со позајмување на пари за покривање на стари долгови. Според податоците на Министерството за финансии, во третиот квартал од 2023 година била направена исплата на долгот за еврообврзницата издадена во 2016 година во износ од 450 милиони евра, а дека се вратени вкупно 540 милиони евра за обврски за надворешниот долг.





