„ВМРО-ДПМНЕ е подготвена по парламентарните избори да формира парламентарно мнозинство со албанската опозиција, Европскиот сојуз за промени.“ – изјави генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ Ѓорѓија Сајкоски. Ова го објави ТВ 21 во својата информација со наслов „Опозициските партии подготвени за соработка – Сајкоски и Зендели едногласно: Нема ништо лошо, ниту за чудење“.
ТВ 21 пишува: Според Ѓорѓија Сајкоски, ВМРО ДПМНЕ се уште има активна соработка со дел од опозицијата. Тој ја спомена и соработката со Билал Касами во Тетово. Сајкоски истакнува дека ВМРО ДПМНЕ е отворена за соработка со албанските партии, ако ја прифатат нивната програма.
На ист став е и албанската опозиција. Фадил Зендели од Беса рече дека нема ништо лошо да се соработува со ВМРО-ДПМНЕ по парламентарните избори, за да се формираат владините институции. „Изборните процеси ја одредуваат легитимноста на партиите, кои учествуваат во изборниот процес. Резултатите, кои ќе произлезат од овој изборен процес, се основа за создавање нови институции. Ако бидеме ние, како албанска опозиција, тој дел, што ги претставува Албанците, нема ништо лошо ВМРО ДПМНЕ да формира нова Влада.“ – вели Зендели.
За следните парламентарни избори останува отворена дилемата дали ќе се почитува коалицискиот договор „победник со победник“. Овој договор беше прекршен на последните избори кога ДУИ одлучи да коалицира со СДСМ, иако ВМРО-ДПМНЕ победи на изборите, но не успеа да формира влада во првиот мандат.





