
Генералниот секретар на ДУИ Фатон Ахмети, кој е поранешен директор на Фондот за здравствено осигурување, избива на врвот на листата на најсериозни кандидати за технички премиер, што треба да ја води „пржинската“ влада за спроведување на парламентарните избори, пишува неделникот „Фокус“.
Во изминатиот период, како можен технички премиер се споменуваше и шефот на дипломатијата и новопромовиран потпретседател на ДУИ Бујар Османи, кој изјави дека во Мала Речица преовладува мислење за спојување на изборите. Тоа значи дека со вториот круг на претседателските избори треба да се гласа и за нов парламент, па во таква ситуација, како што рече Османи, премиер Албанец ќе има во јануари.
–Договорот за премиер Албанец е постигнат уште при формирање на Владата дека последните сто дена премиерот ќе биде предложен од страна на ДУИ и тоа очекуваме да се случи. Доколку изборите се заеднички, тоа значи дека на почетокот на јануари треба да почнат тие сто дена. Премиерот ќе биде предложен од страна на ДУИ – рече Османи.
Во меѓувреме, излезе информација дека Ахмети му ја понудил оваа функција и на Арбен Таравари, со цел да ја осигура соработката со Алијанса за Албанците, меѓутоа тоа веднаш го демантираше Таравари.
–Знам дека политичките гласини немаат никаква важност како и сите други гласини, но некои од нив се со посебна чувствителност, како онаа за премиер што божем ми било предложено. Оваа вест не е точна – истакна Таравари.
Доколку не се избере нов претседател поради непостигнување на цензус, нов претседател автоматски станува собранискиот спикер, односно Талат Џафери. Во таква ситуација, ДУИ ќе ги држи трите водечки позиции во државата, па затоа се прават анализи дали подобро би било Џафери да стане технички премиер и да се избере нов спикер од СДСМ кој ќе ја презеде и функцијата привремен претседател на државата – анализира Фокус.
Целиот текст на Фокус на следниот линк:





