Не се знае до кога ќе се работи на мостот „Беласица “

Никој не кажува уште колку долго ќе се работи на мостот „Беласица “. Мостот беше опожарен на почетокот на годинава, а по него можат да возат само лесни патнички возила и тоа само во двете крајни ленти.
Нови информации нема ниту од Град Скопје, ниту од ЕСМ, пишува порталот Плусинфо.
Градот пред еден месец преку соопштение информира дека сообраќајот на мостот ќе биде нормализиран тогаш кога ЕСМ ќе ја заврши поправката на мостот и ќе го постави топловодот. Од ЕСМ, пак, денеска прашањата кои ги поставил порталот ги повториле одговорите од пред еден месец дека не можат да кажат кога ќе заврши поправката на мостот и инсталирањето на топловодот, бидејќи, процесот бил комплексен.
Граѓани и превозници реагираат дека им предизвикува проблеми тоа што мора да го заобиколуваат овој мост, ако сакаат да стигнат до комплексот станици.
Во ЕСМ велат дека подолг период работат на санација на топловодот под мостот „Беласица“.



– Успешно беа отстранети оштетените цевки и донесени се нови на кои се прави инсталација. Поставувањето на новите цевки е комплексна активност и бара сериозна посветеност и работа и се вложуваат максимални напори за санацијата да заврши во најкус можен рок. Додека траат активностите за поставувањето на новите цевки се користи алтернативниот вод на железничкиот мост кој има капацитет да врши континуирана испорака на топлинска енергија до потрошувачите. И покрај опожарувањето на мостот Беласица, и оваа грејна сезона која започна во октомври има сигурна и непрекината испорака на топлинска енергија до сите потрошувачи приклучени на дистрибутивната мрежа – велат од компанијата која има обврска да обезбеди парно за скопјани.
Претходно Градот и ЕСМ се обвинуваа кој е надлежен да го санира мостот по пожарот, откако беше објавен експертскиот извештај за состојбата на мостот на бул. „Беласица“ во кој беше наведено дека на него нема структурни оштетувања кои ја нарушуваат неговата безбедност.
Извор : https://plusinfo.mk/dali-gradot-i-esm-mislat-na-gra-anite-ne-se-znae-do-koga-e-se-raboti-na-mostot-belasica/