Цела бугарска машинерија беше впуштена во притисоци кон Македонците во Албанија да се попишат како Бугари со сите методи. Високи функционери од Бугарија ги посетуваат регионите каде што живеат Македонците во Република Албанија. Делат помош, нудат државјанства како на пазар, вели за „Локално“, претседателот на македонското друштво „Илинден“ -Тирана, Никола Ѓурѓај.
Пописот во Република Албанија почна на 18 септември и требаше да заврши на 30 октомври годинава, ама за жал каде живее македонско национално малциство во регионите на Голо Брдо, Мала Преспа, Гора и Врбник не е продолжен“, посочува Ѓурѓај и вели дека македонското друштво „Илинден“-Тирана во континуитет апелирала до Македонците во Република Албанија да не се плашат и слободно да се попишат.
Ѓурѓај е дециден луѓето кои што живеат таму со векови се Македонци коишто зборуваат македонски јазик.
„Македонците во Република Албанија по завршувањето на пописот ќе ги анализират резултатите и ќе одлучиме дали ќе ги признаеме резултатите. Сега е рано да кажеме. Ќе следат и консултации со другите малцинства. Исто и од нив имаше во текот на попис забелешки, па оттаму ќе излеземе со заеднички став, ни изјави Ѓурѓај.
Претставниците на македонските асоцијации тврдат дека досега во пописните резултати нема лице кое се изјаснило како Бугарин.
Поранешниот пратеник во Албанското собрание и претседател на единствената македонска партија во Албанија, Васил Стерјовски, побара продолжување на пописот бидејќи во последните три недели од официјалниот старт жителите во македонските краишта не се попишувале бидејќи голем дел од луѓето кои живеат таму својата егзистенција ја обезбедувале со сезонска работа во соседните земји.
„Секој ден 400 до 500 лица од Мала Преспа влегуваат дневно во Македонија во овој период, бидејќи трае бербата на јаболка во Ресен и многу од овие жители не беа попишани. Доаѓаат жалби од самите жители дека попишувачите не ги попишуваат. Ние официјално уште тогаш реагиравме“, рече неодамна Васил Стерјовски, претседател на МАЕИ.
Главен механизам на закана биле и бугарските пасоши, кои во случај да се изјаснат како Македонци ќе им бидат одземени или на апликантите воопшто нема да им бидат доделени.
Иако на последниве 11 пописи кај западниот сосед, ниту еден жител не се декларирал како дел од бугарско малцинство, државниот врв на Бугарија ја принудува Албанија да признае бугарско малцинство.






