„Без оглед на мнозинскиот став на граѓаните за неприфатливоста на уставните измени министерот Бујар Османи настојува да ги изостави како неважни таквите мислења и ставови, загрозувајќи го македонскиот национален идентитет. Тој го прогласува тоа мнозинство на граѓани со неговите ставови како ‘загрозувачи на напредокот’ и ‘отфрлачи на европските вредности’!“ – вели новинарката Јасминка Павловска во својот коментар со наслов „Загрозувачите на прогресот на тапет!?“, кој го објави весникот „Нова Македонија“.
Треба ли потрага, или се знаат вистинските загрозувачи на идентитетот и кочничари на Македонија и на нејзините евроинтеграции?
Павловска пишува: Министерот за надворешни работи Бујар Османи реши да игра на „картата“ – барање виновници по име и презиме, откако Европската комисија даде разочарувачки извештај за реформите во македонското општество во однос на усогласување со стандардите и критериумите на ЕУ. Наближува и времето за втората меѓувладина конференција за почеток на преговорите со Унијата, за која услов е внесување на Бугарите во македонскиот устав.
„До последниот здив работиме да ги направиме уставните измени… Но, ако не успееме, ќе треба со име и презиме да ги кажеме тие што ја загрозуваат европската иднина, што ги кочат просперитетот на оваа држава, реформите, владеењето на правото, што го кочат стандардот на граѓаните и ги тераат да заминат надвор од Македонија. Тие луѓе со име и презиме ќе треба да бидат спомнувани во јавноста.“ – изјави Османи.
Без оглед на мнозинскиот став на јавното мислење за уставните измени и нивна неприфатливост, поради активирање на преговарачката рамка со вградени асимилаторски уцени од Бугарија, која не го признава македонскиот народ ни кај себе како малцинство, ниту во Македонија како мнозински државотворен народ, министерот Османи настојува да го изостави како неважно она што претставува стапица за македонскиот национален идентитет. Тој ја означува таквата „загриженост“ (!?) како „загрозување на напредокот“ и „загрозување на прифаќањето на европските вредности“.
Но кога веќе ќе се бараат виновници со име и презиме за „загрозување на иднината“, прашање е: кој е навистина одговорен за досегашното „кочничарење“ во спроведувањето на реформите и кој го попречува владеењето на правото во државата? Пред да бара одговорни за изгледното неспроведување на спорните уставни измени дали министерот Османи ќе ги каже со име и презиме тие што 20 години земаат плата, а не одат на работа, кои не плаќаат данок, а бараат пари од државата, кои не плаќаат струја и живеат на грбот на оние што плаќаат, кои градат споменици и музеи на други држави?
Ќе ги каже ли Османи со име и презиме тие што нарачуваат судски пресуди, оние што не гонат организиран криминал, тие што си ги присвојуваат државните институции и играат фудбал и слават родендени во нив? Ги знае ли Османи точното име и презиме на вистинските кочничари на оваа држава? Групи и поединци со име и презиме го отфрлаат владеењето на правото, систематски ги поништуваат правната држава во Македонија и нејзиниот економски развој, ги саботираат европските реформи… Тие се докажани кочничари на нејзината европска иднина две децении.
Лицемерство е и неуспех обидот на Османи да ја префрли вината за сопствената дипломатска неумешност да ги заштити националните интереси на државата, чиј министер е, прогласувајќи ги за кочничари, тие што сакаат да си ги заштитат сопствениот идентитет, јазик и историја. Не гарантира ниту спроведувањето на уставните измени дека нема Бугарија да го спречува евроинтегрирањето и оти нема да биде загрозувана македонската иднина.





