Колку долго ќе чекаат 6 ленти и 2 трамвајски линии Градот да ги поврзе во сообраќај? Ако се суди според искуство, нема да е за скоро. Инвеститорите од „Лимак“ според договореното со Град Скопје ја изградија подземната сообраќајница под мултифункционалниот комплекс „Diamond of Skopje“, но ништо не е мрднато од место кога станува збор за кружните текови на источната и западната страна од објектот, кои требаше да ги изгради Градот, објави „ПлусИнфо“. Инвеститорот на комплексот „Diamond of Skopje“ вели дека основата на сообраќајницата е готова, бидејќи таа морала да биде завршена за да може врз неа да се градат останатите објекти кои се составен дел од инвестицијата вредна 350 милиони евра.

– Дел од проектот е и подземната сообраќајница што се протега под комплексот „Diamond of Skopje“ и е долга 746 метри и широка 37 метри. Подземната сообраќајница има по две сообраќајни ленти и помошна лента во двата правци и две трамвајски линии во средината. Во моментов, бетонските работи на подземниот тунел се комплетно завршени, односно вкупната должина од 746 метри е целосно ископана, со поставени потпорни ѕидови и фундамент. За нејзината изградба е извршен 14 метри длабок ископ, по што се изградени потпорни ѕидови, кои се веројатно меѓу највисоките во земјава, и на нив е поставен фундамент. Се работи за важен инфраструктурен проект чие ставање во функција ќе овозможи брзо движење низ центарот на градот, што е клучен предизвик во централните градски подрачја. Изградбата на подземната сообраќајница, како и изградбата на останатите две станбени згради, e планирано да се заврши во текот на следната година. Вкупната инвестиција во целиот проект достигна 350 милиони евра – изјавија инвеститорите за Плусинфо.
Оттаму додаваат дека се во постојана комуникација со Град Скопје, но дека засега нема никакви активности, ниту во делот на кружниот тек кај Водњанска, ниту пак кај Јужниот булевар, особено откако во октомври се случи отворањето на трговски центар „Diamond Mall“, при што се зголеми бројот на возила кои се движат во овој дел од градот.
– Подземната сообраќајница е еден од највиталните делови на комплексот „Diamond of Skopje“. Таа ќе биде прва и засега единствена од ваков вид во земјава. Оттука, од големо значење е нејзино сообраќајно поврзување, поради што нејзината реализација се прави на партнерска основа со Град Скопје, под чии ингеренции се кружните текови на западната и на источната страна. Ние сме во постојана комуникација, фокусирани сме на својот дел од работата и истовремено конструктивни за континуитетот на отпочнувањето на фазите на изградба, кои се во тек од страна на Град Скопје, кој е наш значаен партнер – велат инвеститорите.
Градоначалничката на Скопје Данела Арсовска пред шест месеци изјави дека експропријацијата на објектите на просторот наменет за кружен тек би била неспорна зашто голем дел од засегнатите куќи се дивоградби. Најголемиот проблем, според неа, би бил да се реши ситуацијата со објектот на „Македонски железници – инфраструктура“, кој се наоѓа непосредно до Паркот на новинари, а во кој е сместена значајна ИТ опрема на претпријатието. Повеќе на ПлусИнфо.мк.





