Ова го истакна министерот за финансии Фатмир Бесими во интервју во Централниот дневник на МРТ.
како што објасни, со Предлог-буџетот за 2024 година се проектирани средства за исплата на повисоките плати за вработените во јавната администрација, за исплата на повисоки пензии согласно утврденото системско решение, но нема да има повисоки плати за функционерите,
„За она што е предвидено со потпишаниот Општ колективен договор, со кој од септември оваа година платите на сите вработени во јавниот сектор се зголемени за 10%, се обезбедени средства во Предлог-буџетот за 2024 година. Исто така исплата на К-15 кое оваа година е во износ од 10.000 денари, а наредната во износ од 30% од просечната нето-плата. Она што не е планирано во Предлог-буџетот се средства за раст на платите на функционерите“, рече министерот Бесими.
Тој рече дека за исплата на зголемените плати се обезбедени дополнителни 160 милиони евра.
Бесими рече дека повеќе средства се обезбедени и за исплата на пензиите согласно законските решенија.
„Кај пензиите воспоставивме системско решение кое гарантира раст на пензиите. И пензионерите ќе го добијат во 2024 година она што следува согласно Закон, односно усогласување согласно растот на просечната плата и растот на трошоците на живот, односно инфлацијата“.






