Зошто претставниците на Франција разговараа за државната политика и промената на Уставот со ДУИ, а не со Владата на Македонија?

Без уставните измени европскиот пат е блокиран. Пречка за одобрување на уставните измени е намерното блокирање на евроинтеграциите.“ – нагласено е на средбата на претседателот на Демократската унија за интеграција Али Ахмети, кој, придружуван од шефот на својот кабинет Артан Груби,  водеше тричасовни разговори со францускиот специјален преставник за Западниот Балкан, амбасадорот Рене Троказ.



На средбата, одржана во француската резиденција во Скопје, присуствуваа и сегашниот француски амбасадор во Македонија Сирил Баумгартнер и поранешниот амбасадор Бернар Валеро, како и Матие Абграл од мисијата за Балканска Европа при Министерството за Европа и надворешни работи на Франција. На средбата со претставниците на Владата на Франција, како што е наведено во соопштението на ДУИ, било посочено дека „граѓаните и државата немаат време за калкулации за партиски придобивки на сметка на нивната европска иднина“.

„Речиси три часа претседателот Ахмети и француските претставници ги елаборираа политичките случувања во земјата и во регионот, при што главно се насочија на уставните измени и евроинтеграциите, вклучително изборите во земјава и дијалогот меѓу Косово и Србија.“ – наведува ДУИ во своето соопштение. Во однос на дијалогот меѓу Косово и Србија  Ахмети истакнал дека „меѓусебното признавање е единственото решение кое гарантира мир, безбедност и стабилност во целиот регион“.