Железничкиот сообраќај во ќор сокак – бизнисите трпат штети поради честите протести

Домашните големи фирми, кои имаат сериозни бизниси во Македонија, а кои се поврзани со транспорт на големи количини материјали и производи, трпат големи штети откако прекина железничкиот сообраќај во земјава, поради напукнатиот бетонски столб на мостот на Црна Река, објави Фактор. Како што за порталот изјавија дел од овие сериозни големи компании, ова не е прв пат да дојде до прекин во железничкиот сообраќај на истата таа локација. Имено, пред две години бил оштетен друг столб на истиот тој мост, а тогаш железничкиот транспорт бил во прекин цели 40 дена.



Компаниите од кои побаравме став потенцираат дека целата оваа ситуација значајно им ги зголемува трошоците. Оттаму нагласуваат дека државата мора да поведе многу повеќе сметка за патната и за железничката инфраструктура во земјава, бидејќи само на тој начин може да се обезбеди непречено работење за целиот бизнис, кој, на крајот од денот, уредно си ги плаќа сите даноци и давачки кон државата, и очекува за тоа да има пристојни инфраструктурни капацитети.

А, како што веќе објавивме, бетонски столб на мост на Црна река, по кој сообраќаат возовите во земјава е напукнат, поради што има прекин во железничкиот транспорт. 

Од Македонски железници Инфраструктура информираа дека напукнатиот бетонски столб на мостот на Црна Река, на линијата Гевгелија – Велес, меѓу железничките станици Кукуречани – Градско, во близина на Стоби, е причина за целосен прекин на железнички сообраќај на овој патен правец од вчлера од 15.25 часот. Нагласија дека е прекинат и патничкиот и товарениот превоз.

„Експерти од Градежниот факултет во Скопје, во текот на денешниот ден планирано е да излезат на терен, за да извршат увид на состојбата“, соопшти Центарот за управување со кризи, повикувајќи се на Македонски железници.

Фактор успеа да добие став за овој проблем од компаниите „Макстил“ и „Макпетрол“, кои секојдневно треба да превезуваат големи количини токму преку оваа железничка линија. Од „Макстил“ велат дека ова не е првпат сообраќајот да биде во прекин.

  • „Пред две години едниот столб на истиот мост беше оштетен и имаше прекин на сообраќајот од 40 дена. Тогаш баравме да се поправи истовремено и другиот столб, меѓутоа се немаше слух и сега се наоѓаме во истата ситуација. Ова е само последен од низата настани кои ни го прават железничкиот транспорт скоро невозможен. Нашето производство и продажба зависат од железничкиот сообраќај, а во изминативе години состојбата континуирано се влошува. Во ист кош се и другите корисници на товарен железнички транспорт во државата, а да не зборуваме за тоа дека е во прекин и целиот меѓународен транспорт“, потенцираат од оваа компанија која се занимава со челичарската индустрија.

Од „Макстил“ апелираат до надлежните мостот да се санира во најкус можен рок, за да се намалат загубите кои ги трпат компаниите поради овој застој.