Според пресудата на Европскиотсуд за човекови права (ЕСЧП), притворот за поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиевски е оправдан, а критикувана е должината на жалбената постапка, реагира денеска Основниот кривичен суд Скопје откако медиумите известија дека ЕСЧП одлучил во корист на Јанакиески.
„Пресудата на ЕСЧП во ниту еден дел не ја оспорува основаноста на определените мерки притвор и куќен притвор во прв степн, напротив судот констатирал дека притворот бил оправдан, но утврдува пропусти во лишувањето од слобода на обвинетиот, како и ‘брзината’ на жалбената постапка во повисок степен“, пишува во реакцијата на Кривичниот суд.
Во корист на ваквото тврдење Кривичниот суд цитира дел од пресудата во која меѓу другото пишува дека судот ги прифаќа приговорите на Јанакиески, а во врска со недостатокот на „брзо“ разгледување на куќниот притвор.
„Судот утврдува дека има повреда на член 5 став 3 од Конвенцијата за човекови права поради недостаток на доволни причини за лишување од слобода на апликантот. Исто така судот утврдува дека има повреда на член 5 став 4 од Конвенцијата поради недостаток на ‘брзо’ преиспитување на лишувањето од слобода на апликантот“, пишува во дел од пресудата на ЕСЧП на која се повикува Кривичниот суд.
Во прилог на образложението дека основаноста на определениот притвор бил поткрепен со соодветни докази, велат од Кривичниот суд, говори и точка 95 од пресудата на ЕСЧП според која, како што велат од Кривичен „нема индикации дека оценката направена од домашните судови во овој поглед била произволна или очигледно неразумна“
„Судот забележува дека за првичните наредби за притвор, обвинителот во првата постапка достави докази во форма на пораки испратени преку вибер и смс и други записи од кривичната постапка во прилог на барањето апликантот да биде притворен. Повторувајќи дека фактите што предизвикуваат разумно сомневање не мора да бидат на исто ниво со оние кои се неопходни за да се оправда осудата, па дури и покренување обвинение и истакнувајќи дека нема индикации дека оценката направена од домашните судови во овој поглед била произволна или очигледно неразумна, судот прифаќа дека во тоа време постоело разумно сомневање дека апликантот ги извршил кривичните дела. Затоа овој дел од жалбата на апликантот, не е прифатлив и е неоснован“, пишува во дел од пресудата на ЕСЧП, а на која се повикува Кривичниот суд Скопје.






