„Речиси е неможно да се поверува дека ќе се пресече бесрамната папочна врпца Брисел-Скопје, којашто ја храни оваа коруптивно-криминална мафија. На неморалната бриселска гарнитура ѝ треба ваква криминална македонска власт, каква што им помогнавме да си сместат во Скопје. Целиот трагикомичен евроинтегративен процес на Македонија би морал веднаш да заврши. Или да биде ставен во мирување до нормализирањето на состојбата во државата.“ – вели Златко Теодосиевски, општествено-политички аналитичар и историчар на уметноста, во својата колумна со наслов „Мизерна ‘семејна’ лакрдија“. Колумната е објавена на интернет-порталот „Теодосиевски уметност“.
Покрај другото, натаму Теодосиевски пишува: Нефункционирањето на оваа држава ќе биде надминато, поради „стратегискиот интерес“ на Унијата, но на штета на интересите на македонските граѓани. Уште од првите страници очигледна е подготвената отстапница во интерес на соработката со оваа власт. Веќе првите реченици на Извештајот (таканареченото „Резиме на извештајот“, т.1.2.) ја откриваат трагата на отстапницата, тврдејќи дека „* Македонија продолжи со напорите за зајакнување на демократијата, соочувајќи се со значителни предизвици на планот на владеењето на правото“!
Свесно се премолчува вистинската состојба, заради натамошната повторно неморална „соработка“. Дали кај нас навистина има „зајакната демократија“?! Ова што се случува кај нас не се „предизвици на планот на владеењето на правото“, туку директно и вулгарно поништување на владеењето на правото! Да прашале составувачите на Извештајот кој и да е нормален (што ќе рече непартиски) македонски граѓанин, ќе добиеле одговор дека Македонија е многу подалеку од демократијата денес отколку што беше во 1991 година!
Или Брисел и тамошната номенклатура сакаат да речат дека констатираните висока корупција и организиран криминал во самиот врв на државата се второто име на зајакнатата демократија, а ние тоа не сме го знаеле? Како организираниот криминал во врвот на државата заедно со страотно корумпираното и контролирано судство ја зајакнуваат демократијата? Дали се смета како нормален демократски чин на власта договор склучен во четири очи вреден 1,5 милијарди евра? Има ли сличен пример во европските демократии, па и ние така да го прифатиме?
Но дали на таа „меѓународна заедница“ ѝ е поважно да има во скутот нестабилна, недемократска, криминално коруптивна и крадечка држава? Веројатно, бидејќи таквите „држави“ полесно се контролираат. Следствено, дали Брисел токму заради тоа лаже за состојбата во државава? Веројатно.
Целиот трагикомичен евроинтегративен процес на Македонија би морал веднаш да заврши. Или да биде ставен во мирување до нормализирањето на состојбата во државата. Тоа не би било ниту брзо, ниту лесно, оти наближуваат изборите во Македонија и за Европскиот парламент, па следната бриселска гарнитура ќе мора многу работи да започне од почеток!





