„Досега веќе требаше да разбереме дека граѓаните на Македонија прво треба да излезат од темницата на заборавот, на лагите, на примитивизмот и на провинцијализмот, да се ослободат од заробениот ум, од целата таа пустош во свеста, што им ја направија лажните патриотски пропаганди, незнаењето и арамилакот.“ – вели новинарот Ерол Ризаов во својата колумна со наслов „Во темнината на заборавот“, објавена од порталот „Либертас“, во која повторно фрла со „дрва и камења“ врз ВМРО ДПМНЕ, бидејќи ја „закопува Македонија во балканската дупка“ и не ѝ дозволува да се „зачлени во ЕУ“, одбивајќи да гласа за влегување на „бугарскиот државотворен и конститутивен народ од Македонија“ во нејзиниот Устав.
Покрај другото, натаму Ризаов пишува: Во околности на „јунаштво“ под „Јорган-планина“ против евроатланските интеграции, под закрила на големата лага за тоа колкава цена треба да платиме за распродажбата на националните и државни интереси, Македонија успеа да стане членка на НАТО и да ги почне преговорите со првата меѓувладина конференција со ЕУ. И тука пак се закопа во балканската дупка, што ја копа револуционерната партија за изгубените идентитети, за предавства, за асимилација, за историското минато, за потеклото, за јазикот, за криминал и коруција, за се она што беше најголем виновник во долгогодишното владеење.
Денес бесрамно врскаат за најлошиот извештај од ЕУ тие што измислија нови идентитети од пред Христа, што словенското потекло го прогласија за навреда, што ја маргинализираа најголемата историска победа на создавање на првата национална и парламентарна држава по победата во антифашистичката војна, што ги игнорираа сите извештаи на ЕУ за заробената држава.
Реши каде ќе се приклучиш
Најголемите исчекори со членството во НАТО и со отпочнување на преговорите со ЕУ се направени во периодот од 2017 до 2023 година. Но не е можно спроведување на реформите без заеднички став на релевантните парламентарни партии, без разлика дали се на власт, или во опозиција. Тоа е првата работа со консензусот за членство во ЕУ, што го направија сите земји кандидати, кои имаа вековен напредок со припадноста на Европа. Но, македонските политичари не успеваат во тоа.





