Димовски: Доведен е во прашање опстојот на Македонија! – Ако не сториме нешто веднаш, ништо нема да оставиме зад нас!

„Можеби некои сѐ уште не можат да поверуваат дека дојде навистина времето на нашето урнисување, на корнењето на корените и раздржавување на државата?! Доведено е во прашање опстојувањето на Македонија и ништо нема да оставиме зад нас, ако не направиме нешто веднаш!“ – вели новинарот и писател Мендо Димовски во својата колумна со наслов „Време на демакедонизација“, која ја објави весникот „Слободен печат“.



Покрај другото, натаму Димовски пишува: Многу луди глави сега го јавнале зборот „моментум“, за да ни го матат умот и да не замајуваат дека дошло времето за поголемо наведнување на главата и за исполнување на барањата на Бугарите да се стават во Уставот како конститутивен народ! Министерот за надворешни работи ни ја објаснуваше потребата за отворањето на Уставот, демек никако не смееме да го пропуштиме моментумот и затоа „мораме“ да попуштиме пред барањата на Бугарите и да не го пропуштиме последниот воз кон ЕУ!

Моментумот бил таков што нуди невиден просперитет само да се прифати понудата за отворање на Уставот. Попатно да се избрише и процентуалната застапеност на албанскиот етникум. Потоа не само што ќе се крене рампата за влез во Унијата, туку веднаш по улиците мед и млеко ќе потече и Македонија ќе процвета!

Еден не толку вреден аналитичар ја обвинуваше опозицијата што не може да го сфати моментумот, туку сѐ прави само да предизвика тензии помеѓу припадниците на македонската и албанската заедница! Најмногу им забележува на некои лидери во општините што ја вовеле практиката на почетокот на работната недела учениците да ја пеат државната химна на Македонија за да се развива и јакне патриотизмот кај младата генерација.

На тоа градоначалникот на Тетово реагираше со пеење на албанската химна! Вака се манифестира сила и се потврдува безредието! Можеби овој паралелизам е најава за федерализам, или кој знае што уште не?! Има мислења дека основна цел е да се замолчи Македонецот, за да се остваруваат полесно некои монструозни планови! Работата е доведена до таму што се поставуваат услови со закани: „Или ќе слушате и ќе правите како што ви велиме, или ќе ги симнеме чизмите од таван како во судирот од 2001 година!

За време на бугарската окупација, секој нов ден во училиштата почнувал со пеење на бугарската химна и потоа наместо веднаш да почне часот, за да се забрза бугаризацијата на генерацијата, се вршела прозивка на учениците со наметнати бугарски презимиња и секој морал да се претстави како во примерот: „Ас сам Балгарче и казвам се Благојче“!

Но, станува збор за пеење на македонската химна во слободна Македонија. Навистина, дали некој мисли дека со тоа се врши строга македонизација на Македонците, или моментумот е таков да се деморализира населението и што побргу да се бугаризира?! Најмногу стравувам што моментумот преминува во ултиматум и закана за нов меѓуетнички судир, со цел да се заплашуваат граѓаните и да се држат во потчинета позиција!