Блинкен доаѓа на ОБСЕ во Скопје, за Лавров – одлучуваат соседите

Во однос на тоа дали на министерскиот состанок на ОБСЕ во Скопје на ќе дојде и рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, шефот на македонската дипломатија Бујар Османи вели дека дека процедурата за неговото доаѓање е започната, иако Руската Федерација подлежи на санкции од ЕУ кон кои се има приклучено и Македонија.



„Во санкциите се вели дека за меѓународни организации како што е ОБСЕ е дозволен прелет, сепак одлуката е на земјите членки.

Затоа нашите соседи ќе треба да одлучат, а и ние за нашиот воздушен простор“, изјави Османи вчера во гостување на 360 степени.

Османи вели дека нема никакви индикации дека шефот на американската дипломатија Ентони Блинкен нема да дојде на Министеркиот совет на ОБСЕ во Скопје, а според информациите што ги има, се очекува во македонскиот главен град да пристигнат и министрите за надворешни работи на Канада, Велика Британија, на други земји членки на НАТО, на ЕУ како и централна Азија.

Што се однесува до Лавров, Османи вели дека биле процесуирани барањата на сите членови на руската делегација за визи и за доаѓање во Македонија.

„Во моментот кога ќе имаме решение сигурно ќе информираме“ изјави деновиве министерот Османи.

Османи минатата недела на средба со новинарите рече дека добил писмо од рускиот министер Лавров во кое покажал интерес и барање да се обезбеди негово присуство во земјава.

Министерот информираше дека „ќе има 57 земји членки на ОБСЕ и 11 партнерски земји од медитеранската група, т.е. Израел, Јордан, Мароко, Алжир… и азиската група каде што се Јужна Кореја, Јапонија, Тајланд итн.

„Веќе ги букиравме петте најголеми хотели во државата и некои други. Ние сакавме и се уште сме на тој став дека министрите треба да бидат во еден хотел заради полесно безбедносно покривање и логистика, а делегациите да се распределат.

Има делегации во кои министрите не сакаат да се делат од нивните тимови, што е мал проблем.

Некои сами си букираат, има големи држави кои букирале цели хотели бидејќи се големи делегации, обично се помеѓу 30 и 60, па и до 100 луѓе во една делегација“, рече Османи.