Министерот Бујар Османи вели дека ДУИ очекува да се реализира политичкиот договор со СДСМ во последните 100 дена пред избори Владата да ја води премиер Албанец.
Но, тој ги отфрли како неточни шпекулациите дека технички премиер би можел да биде Фатмир Битиќи, кадар на СДСМ.
Доколку претседателските и парламентарните избори се заеднички, почеток на јануари влегуваме во последните сто дена и очекувам тогаш да имаме премиер предложен од ДУИ.
„ Со цела почит кон Битиќи, меѓутоа реквме дека мнозинската волја на Албанците мора да се одразува во институциите“, изјави во емисијата „360 степени“ на МРТ 1 министерот за надворешни работи и портпарол на ДУИ, Бујар Османи.
Инаку, тој рече дека во ДУИ преовладува мислењето за одржување парламентарни избори истовремено со претседателските, партијата сè уште нема официјален став во однос на ова прашање, но се прават, како што вели, координации на дневна основа и сите опции се отворени.
„Јас очекувам во текот на месецот да се завршат тие состаноци, но сепак преовладува мислење дека на три месеци, два изборни циклуса, премногу ќе ја чинат државата“ рече Османи.







