Во организација на Фризерската секцијата од Скопје при Занаетчиската комора и Скопје Сити Мол, денеска, традиционално ќе се одржи „Бербер шоу“ со што ќе се одбележи „Моември“ – месецот на машкото здравје.
Ноември е месец во кој се степенува важноста на машкото здравје. Моември, меѓу другото, подразбира и растење мустаќи во текот на овој месец како поддршка на мажите.
Овој забавен настан организаторите го најавуваат како „Најмажествената битка на годината и највозбудлив настан за мажите“.
„Со овој популарен неколкучасовен настан се приклучуваме кон светското одбележување на „Моември“, кој, покрај забавниот карактер има за цел и да ја информира и едуцира машката популација“, наведуваат организаторите.
Настанот ќе го модерира актерското дуо Тино и Атанас и ќе се случува на приземјето од Скопје Сити Мол, каде на сцена ќе бидат поставени четири берберски столици. Мустаќите и брадата се симбол на движењето Моември.
Повеќе од 50-тина машки бербери од целата земја, вклучувајќи и неколку жени бербери ќе им ги стилизираат мустаќите и брадите на повеќе машки модели.
На настанот ќе учествуваат и учениците од средните стручни училишта „Димитар Влахов“ и „Шаип Јусуф“ од Скопје, кои ќе ги претстават стекнатите вештини на живи модели.






