Поранешниот генерален секретар на НАТО, Андерс Фог Расмусен, предложи Украина да се приклучи на воената алијанса без териториите окупирани од Русија, бидејќи, како што рече, делумното членство на Украина ќе испрати порака до Москва дека не може да го спречи Киев да влезе во Северноатлантската алијанса.
Данскиот политичар, кој беше генерален секретар на НАТО од 2009 до 2014 година, инсистира дека планот на Украина за делумно членство нема да симболизира замрзнување на конфликтот, туку наместо тоа ќе биде израз на решителност дека Русија не може да ја спречи Украина да се приклучи на западната воена алијанса, пренесува лондонски „Гардијан“.
Расмусен рече дека прашањето за членството на Украина во НАТО не може повторно да се одложи за следните години.
„Дојде време да го направиме следниот чекор и да ја поканиме Украина да му се приклучи на НАТО. Ни треба нова европска безбедносна архитектура во која Украина е во срцето на НАТО. Исклучувањето на територијата што ја држи Русија од НАТО ќе ја намали опасноста од конфликт меѓу Русија и НАТО“, истакна Расмусен.





