Градоначалникот на Тетово и лидер на Движењето Беса, Билал Касами, вели дека доколку се интонира химната која етничките Македонци ја чувствуваат за своја, тогаш во општините со мнозинско албанско население треба да биде дозволено и интонирање на националната химна на Албанија која, како што вели, етничките Албанци ја чувствуваат како своја.
„За и Албанците да ја чувствуваат химната како своја, мора да бидат дел од таа химна“, вели Касами за ТВ Сител.
„Моите постапки се согалсно барањата на Албанците и тоа утре сакам да биде решено со закон како што е решено во делот со знамето.
Сè додека химната на државата ги повикува Македонците како етникум и се однесува на Македонците, а не се однесува на граѓаните односно на Албанците, на Турците и на другите етнички заедници, ние ќе се повикуваме на нашата етничка химна“.
Тој појаснува дека не е против „химната да се однесува на Македонците, но треба да се однесува и на Албанците“.
Тој смета дека треба да се донесе законско решение со кое државната химна и останатите национални симболи ќе ја рефлектираат, како што вели, реалноста во државата и ќе ги почитуваат сите етнички заедници.






