Најновиот извештај Европската комисија е и повеќе од реален во однос на економската стабилност на земјава, велат за Алфа од Бизнис конфедерацијата на Македонија. Според Миле Бошков, проблеми има, и ако во иднина немаме добра инфраструктура за развој на стопанството и бизнисите, но пред се и едукација на квалификуван кадар, до година ќе биде уште полошо, објави Алфа Телевизија.

Дека македонската економија цела година тапкала в место, потврдува и економистот Бранимир Јовановиќ, кој алармира дека покрај нефункционалниот државен систем на чело со судството, и економијта дише на шкрги. Вели дека мора да има длабински и сериозн-структурни промени за државата да оди напред, за младите да не си одат од сопствената држава.

Што се однесува до најновиот извештај на Народната банка кој нотира низок раст, и се уште висока инфлација, бизнисмените велат дека и тоа е очекувано оти продуктивноста на работниците е на ниско ниво, разочарани од ниските плати, но и глобалниот шок кај цените на храната и енергијата.
Иако статистика измери инфлација во октомври од 3,5 %, таа и натаму им ги јаде парите на граѓаните. Проблем, според економистите, ќе настане веднаш откако се укинат владините мерки за замрзнати цени кои ќе предизвикаат ново подгревање.

Оценката од Брисел е дека државата сеуште бавно закрепнува од последиците од Руско-Украинската криза што дополнително го забавува и закрепнувањето од Ковид кризата. Клучните реформски области бавно напредуваат. Брисел критикува дека клучното за придвижување на економијата, односно јавните инвестиции се попречени од кадровски и ИТ прашања, а потенцијалниот раст е попречен и од слабото инвестирање во иновации. Владата минатата година се фокусирала генерално на цените, но не правела речиси ништо за да има напредок во клучните реформски прашања.





