„Судството во Македонија има 1 отсто доверба? Не, многу е и тоа. Направен е преседан, кој досега не се случил во оваа држава. Како може да биде осуден пратеник за искажано мислење и став од говорница на Собрание?“ – реагира на својот фејсбук-профил Драган Ковачки, пратеник во Собранието на Македонија и член на Извршниот комитет на ВМРО ДПМНЕ, откако судијата Неџати Мемети од судот во Куманово на барање на пратеникот и функционер на СДСМ Мартин Костовски го осуди пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Бране Петрушевски за говор во собранието, иако пратениците уживаат имунитет за искажани ставови од собраниската говорница.
Во својата објава натаму Ковачки нагласува: Толку ли не читаат Устав и Закон овие од судството, отворено како пупка? Слушнале ли за имунитет на пратеник?
Пратеникот Бране Петрушевски е осуден, бидејќи му кажа на пратеникот Мартин Костовски од СДС дека ќе лежи во затвор, затоа што како директор на Службен весник спротивно на уставот објавил закон во Службениот Весник без потпис на претседател на држава и затоа што, за да гласа за францускиот предлог во Собранието, му ја вработиле жената кај Бујар Османи во Министерството за надворешни работи.
Што е неточно од ова? Па убаво му кажа Бране, кој е величина за Мартин Костовски. Ова е уште еден доказ дека судиите се на копчето на СДС и ДУИ.
На 29 ноември имаме судско рочиште, на кое јас го тужам нелегитимниот премиер Димитар Ковачевски поради искажани груби лаги кон мене, но тој се повикал на имунитет во постапката. Би било интересно да видиме дали имунитетот во еден суд важи, а во друг не важи. Уште тоа го немаме видено.
Ковачевски, ве наместија вашите … Ќе мора да докажувате се во постапка.





