ПАОК одигра „само“ 2:2 со Абердин во Солун во натпреварот од Лигата на конференциите на УЕФА, во кој на гостинските навивачи им беше забрането да внесат на стадионот „Тумба“ македонски знамиња како знак на поддршка на нивниот најдобар фудбалер Бојан Миовски.
Македонскиот напаѓач и репрезентативец, кој на првата средба на домашен терен ја затресе мрежата на грчкиот претставник и голот го прослави со знакот за обединета Македонија со прстите, овојпат ги одигра последните 12 минути.
Минатата сабота 24-годишниот штипјанец беше херој на „донси“ против Хибернијан во Глазгов, кога го постигна единствениот погодок на неутралниот терен на „Хемпден Парк“ и го одведе својот тим во финалето на Лига купот на Шкотска.
Миовски сезонава постигна 10 гола за Абердин во сите натпреварувања, од кои 4 во еврокуповите.
По четири одиграни кола Абердин е трет во групата Г од Лигата на конференциите со 2 бода и без шанси за пласман во елиминациите.






