„ДУИ исфрли пробен балон, ‘нудејќи’ му го на Арбен Таравари местото како прв премиер-Албанец. Таравари нема да се валка, бидувајќи премиер според Договорот од Пржино, ангажиран под кирија од Али Ахмети. Но, замислете во каква паника се наоѓаат да му го испорачаат на најголемиот противник нивното главно изборно ветување.“ – објави вечерва на својот фејсбук-профил Арбен Фетаи, шефот на кабинетот на лидерот на Алијансата за Албанците Арбен Таравари.
Таравари изјави дека е “„лажна веста“ оти Ахмети му понудил да биде прв премиер-Албанец. Но, шефот на неговиот кабинет, сепак, ја потврди неофицијалната вест на ТВ 21, која објави: Лидерот на ДУИ Али Ахмети му предложил на лидерот на Алијансата за Албанците Арбен Таравари да биде премиер во последните 100 дена од оваа Влада. Таравари се сомнева, поради обврските што ги има како градоначалник на општина Гостивар, за што ја доби довербата од граѓаните.
ДУИ ѝ предложила на Алијансата за Албанците да ја преземе функцијата прв премиер-Албанец, во замена Алијансата за Албанците да остане дел на така наречениот Европски фронт, со што сегашната владејачка коалиција би настапила заеднички на изборите. Но, сегашниот лидер Таравари и претходниот лидер Зијадин Села неодамна изјавија дека се против ова, изјаснувајќи се дека Алијансата за Албанците ќе оди сама на изборите.
Во СДСМ има незадоволство од овој предлог. Од СДСМ сакаат претседателските избори да завршат неуспешно, односно да нема цензус, со што досегашниот прв човек на Собранието Талат Џафери би ја извршувал функцијата претседател, додека предлогот за прв-премиер Албанец во последните 100 дена од Владата би бил одбиен и Владата до крајот на овој мандат да ја води СДСМ.





