Илијевски: „Велика Албанија“ е стремеж да се одвои дел од Македонија! – Зошто не реагира никој надлежен кон албанскиот сепаратизам и иредентизам?!

„Споменикот на кој беше претставена ‘голема Албанија’, како дел од Меморијалниот комплекс во кумановски Сопот, и другата иконографија што подгрева верска и конфесионална омраза и која, според нашите соговорници-правници, ‘велича милитантни радикали, кои со своето дејствување им одзеле животи на припадници на МВР, АРМ, а и на цивили’, продолжува да ја возбудува пошироката македонска јавност.“ – се вели во статијата со наслов „Зошто никој надлежен не реагира соодветно на албанските сепаратистички тенденции?“, која ја објави весникот „Нова Македонија“.



Организациите на Македонците од соседните земји реагираат жестоко за сѐ почестите изрази на шовинизам и сепаратизам во нивната матична држава

Покрај другото, натаму во статијата пишува: Иако дел од таа иконографија брзо беше отстранет, продолжија бурни критики и реакции и надвор од границите на државата, особено од претставниците на многубројните организации на Македонците, што живеат во соседните држави. Со свој став се огласија и Македонците што живеат во Република Србија. Нивните здруженија и организации истакнаа дека секое манифестирање на „голема Албанија“ е шовинистички и иредентистички испад против суверенитетот и интегритетот на Македонија како држава, но и против околните држави.

Повеќемина претставници на Македонците во Србија побараа од македонските државни институции да преземат мерки против секоја пројава на екстремен национализам и шовинизам, а од македонските партии побараа да се огласат со осуда и јасен став за секоја пројава на великоалбанизмот, кој ѝ нанесува штета на македонската држава и ја поттикува меѓуетничката напнатост.

Горан Илијевски, претседател на Партијата на Македонците во Србија и политички аналитичар за состојбите во балканските држави, ги анализира последните испади на великоалбанскиот национализам. „Тоа е иредентизам. Во македонскиот закон сѐ уште стои кривично дело за сепаратизам и иредентизам, како и во секоја друга држава во светот. Секоја симболика што е поврзана со ‘велика Албанија’ е загрозување на суверенитетот и интегритет на Македонија како држава. Ова е стремеж да се одвои територија од македонската држава. Таква  манифестација е и барањето за албански општини во Македонија. Дали сме свесни што се случува во Македонија? Зошто никој не реагира на овие сепаратистички тенденции? Иредентизмот и шовинизмот се најголеми кривични дела против една држава насекаде во светот. Со терористи не се преговара.“ – рече Горан Илијевски.

Зошто отсуствува ефикасна реакција од државните институции на Македонија?

Илијевски додава дека албанските радикални структури во Македонија ќе бидат сѐ подрски и поекстремни во своите барања кон македонската држава. Според него, кај најголемите македонски партии се наоѓа решението решение за секоја пројава на екстремен национализам и радикализам, кои ги загрозуваат суверенитетот и интегритетот на Македонија како држава, вклучувајќи ги и великоалбанските екстремни пројави. „Тие треба да се обединат околу македонските државни и национални интереси и да престанат да прават отстапки кон оние структури, што сакаат да ѝ наштетат на Македонија како држава.“ – заклучува Илијевски.