„Лидерот на ДУИ Али Ахмети во кумановското село Сопот го отвори меморијалниот центар на УЧК, пред чиј влез е поставена мермерна плоча со картата на голема Албанија. Тоа предизвика бурни реакции во јавноста дека ова се отворени изјави каква е целта на Албанците за големоалбанската идеја. Експертската јавност жестоко реагираше дека пораките што ги испрати Ахмети под иконографијата на голема Албанија претставуваат загрозување на уставниот поредок на државата! Правни експерти реагираа дека „со тоа се искажани територијални аспирации и сецесионистички цели, за што треба да реагира јавниот обвинител“, бидејќи, според нив, ова е „загрозување на уставниот поредок на државата“, казниво според кривичниот законик!“ – се наведува во анализата со наслов „Ставањето карти на голема Албанија е најмалку 145 години задоцнето и нерелевантно“, која ја објави весникот „Нова Македонија“.
Дали е извршено дело „загрозување на уставниот поредок на државата“?
Покрај другото, натаму во анализата пишува: И покрај смирувачките тонови на македонскиот премиер искажани вчера, факт е дека останува горчливиот вкус во јавноста дека „кога е нешто вака кажано, кога се споменуваат некакви господари и државотворци, тогаш тоа е загрижувачко бидејќи станува збор за отворени изјави и претензии за редефинирање на македонската држава“.
Кога на изјавите како што е последната на Али Ахмети во селото Сопот реагира македонската јавност веднаш се обвинува дека шири омраза. „Нè нарекуваат македонски националисти и со уште многу други изрази. А тоа што тие сега го прават не само што е национализам туку би го нарекол и наднационализам. Ахмети не може да зборува за државотворност на Албанците во Македонија од 1944 година, бидејќи тогаш беа на страната на нацифашистичката коалиција. Под знамето на таа тогаш ‘голема Албанија’соработници на фашистите окупираа и пустошеа делови на западна Македонија, истите оние што сега ги гледаме во тие спорни карти и иконографии.“ – нагласува историчарот Тодор Чепреганов.
Според него, намерно се работи на уништување на македонската државотворна состојка, за да се изгради некаков поинаков поглед, кој отворено се искажува. „Со сето ова што ни се случува во последно време македонскиот државотворна состојка се губи. Тоа од ден на ден станува сè повеќе очигледно. Повеќе не важи она што беше држава на македонскиот народ и на малцинствата, што живеат во неа. Македонците го губат државотворниот елемент во формирањето на државата.“ – заклучува Чепреганов.





