Премиерите на Албанија и Италија, Еди Рама и Џорџија Мелони, потпишаа протокол меѓу владите на двете земји за зајакнување на соработката во областа на миграцијата, јави агенцијата АТА.
„Историскиот договор“ – како што го нарече Мелони – е не само за Италија, туку и за целата ЕУ“, и предвидува создавање центри за работа со илегални мигранти под јурисдикција на Италија на територијата на Албанија.
Во почетната фаза ќе можат да примат до 3.000 луѓе, прецизираше Мелони на прес-конференцијата со Еди Рама во Рим.
Мелони рече дека центрите се очекува да бидат отворени во пролетта 2024 година и дека италијанската влада се надева дека ќе го зголеми капацитетот после тоа и ќе обработи 36.000 мигранти годишно.
„Тие (мигрантите) ќе останат во овие центри за времето потребно за брзо процесирање на барањата за азил и, доколку е потребно, за репатријација“, рече Мелони.
Извор од нејзиниот кабинет рече дека договорот ќе важи само за мигрантите спасени на море од италијанската крајбрежна стража, а не од добротворни организации. Истиот извор негираше дека Италија и плаќала на Албанија за поставување на центрите.
Повеќе од 145.000 луѓе стигнале во Италија по море оваа година, од околу 88.000 во истиот период во 2022 година.







