Граѓански обврзници тешки 10 милиони евра ќе се нудат утре на аукција

Втората емисија за граѓанските обврзници заинтересираните граѓани може да ги запишат заклучно со денеска. Информациите кои ги објави министерството за финансии се дека утре ќе се оддржи аукција за граѓанска обврзница. Учество на аукцијата може да се направи преку комерцијалните банки во државата, пренесува Пари.мк. Инаку, на располагање се ставени 10 милиони евра, а капатната стапка за една обврзница е пет отсто. Минималниот влог за граѓаните изнесува 10 илјади денари. Експертите веќе посочија дека станува збор за добар механизам за инвестирање на средства во капитални проекти. Но, има и опција да се тргува со граѓанската обврзница преку Македонската берза, а исто така може и инвеститорот во случајот граѓанинот да ја продаде обврзницата на друго лице.



Денеска истекува рокот за уплата на средства за запишување на граѓански обврзници. Информациите од ресорното министерство велат дека утре ќе се оддржи аукцијата. Потоа ќе започне процес на запишување на граѓанската обврзница на име на граѓаните во Централниот депозитар за хартии од вредност. Правилата велат, оние граѓани кои ќе запишат граѓански обврзници за својата инвестиција ќе добијат камата од 5% годишно, односно за две години вкупно 10% на вложениот износ.

Исплатата на првиот купон ќе се изврши на 14 ноември 2024 година, додека вториот купон, односно каматата за втората година на 14 ноември 2025 година, истовремено со исплатата на вложените средства. Граѓаните можат да вложат минимално 10.000 денари, со купување на една граѓанска обврзница. Граѓанската обврзница е нов инструмент на домашниот финансиски пазар кој го издава државата. Инвестицијата во граѓанска обврзница е безризична и сигурна, носи атрактивен принос за граѓаните и при тоа ја штити вредноста на нивните пари“, велат од министерството за финансии.

Првата аукција која беше пласирана на македонскиот пазар на хартии од вредност се случи во јули годинава. Тогаш граѓаните имаа голем интерес за вложување и се пријавија 2,5 пати повеќе средства за инвестирање од првично планираните 10 милиони евра. Инаку, граѓанската обврзница е државна хартија од вредност која е наменета за граѓаните на Македонија. Според правилата за инвестирање, во случај граѓаните да решат да инвестираат во граѓанска обврзница, државата е должна следната година на истиот датум да ги врати парите со најавената камата.