Никица Корубин, поранешна пратеничка на ЛДП што потоа стана независна и мандатот до 2020 година го доврши како дел од владиното мнозинство на СДСМ, за синтагмата „бугарски диктат“ што ја користи ВМРО-ДПМНЕ се произнесе во интервју за бугарскиот весник „Труд“.
„’Бугарски диктат’ е обична пропагандна алатка за одржување на антибугарското чувство во општеството. И нејзината употреба ги вклучува сите оние кои непречено ја шират оваа итро смислена фраза насекаде како вистинска дезинформација и лаги без никакви санкции за тоа. На овој начин тие намерно ги доведуваат во заблуда македонските граѓани. Интересното е нешто друго. Кога се повикуваат на Бугарија, сите што користат вакви манипулации намерно не зборуваат за Европската унија, бидејќи Бугарија е членка на ЕУ. А Северна Македонија во моментов има обврски само кон Брисел и ЕУ да ги исполни условите од преговарачката рамка, што е заеднички став на сите земји-членки на Унијата. Се разбира, не станува збор за некаков ‘диктат’ сè додека ние самите сакаме да влеземе во ЕУ, туку тој ‘диктат’ е потребен во јавниот говор за да може Македонците да се држат во улога на жртва чиишто ‘спасители и заштитници’ на никаков начин нема да дозволат тоа да се случи. Овој привиден популизам всушност има една цел и повеќе задни намери. Целта е блокада на државата, а кој стои зад тоа, во мракот, е она што треба да ги интересира граѓаните на Северна Македонија“, изјави Корубин, магистер по археологија и историја на уметност што работи во невладиниот сектор.






