Уметничкиот проект „Поврзување“ на Културно-информативниот центар на Република Македонија во Софија гостува во бугарскиот град Сандански со изложбата „Средби од десетти вид“, која ќе биде отворена на 8 ноември во Домот на културата во градот, велат организаторите.



Изложбата е десетта за проектот и летоска беше претставена во галеријата на Националната уметничка академија во Софија. Таа е дел од овогодишните настани по повод 30 години од воспоставувањето дипломатски односи меѓу Македонија и Бугарија.

Изложбата е составена од дела на 16 автори. Меѓу нив се македонските уметници Маријана Иванова, Перица Георгиев–Пепси, Павел Целкоски, Маријан Ѕингаров, Иво Пецов, Зоран Мише, Гордана Вренцоска, Дејан Иванов–Маргуш, Јана Манева-Чупоска, Беди Ибрахим, како и бугарските уметници Момчил Мирчев, Свилен Стефанов и Росен Тошев.

На овогодишната јубилејна изложба првпат се вклучени и автори од други земји, како Рикардо Кварежма Виеира и Валтер Пратас од Португалија и Золтан Ференц од Романија.

„Средби од десетти вид“ е составена од околу 50 дела од областа на цртежот, графиката, сликарството, скулптурата, фотографијата, дигиталната графика и видео уметноста.

„Во заднината на сета модерна медиумска врева нашите уметнички средби добиваат чуден изглед и како да треба да се движиме против струјата на сето ‘нормално’ околу нас. Во услови на оттуѓување меѓу луѓето и силна поларизација на нашите општества демне осудувачкиот тон на оние кои сакаат да нè видат поделени, предлагаат разделба и прекин на контактите. Во овој контекст, нашите напори, преку нашите уметнички средби во форма на изложби, како да добиваат сизифовски карактер и стојат надвор од масовното однесување“, вели кураторот, д-р Иво Пецов.