Судијката Адеми го спречи планот за враќање на Груевски

Претседателката на Врховниот суд Беса Адеми нема да се појави во Судскиот совет, каде беше повикана поради реакциите во јавноста дека се вршат политички притисоци врз судиите. Причината што Адеми нема да биде присутна на денешната закажана работна средба во највисокото судско тело ја образложи преку соопштение.



– Во контекст на Вашата покана за работна средба на која би се елаборирале објавени написи во медиумите, потенцирам дека написите за состојбите во судството, вклучително и написите за потенцијални или присутни влијанија, треба да се вреднуваат како суштински придонес за независноста на судството, вели Адеми.

Според неа, тоа впрочем е и една од целите на заложбите за отвореното судство, но и на напорите за заштита на самостојноста и угледот на судството и за јакнењето на довербата на граѓаните кон судската власт – анализира Плусинфо.

Според неа, од особена важност е да се истакне дека за политичките влијанија и притисоци во судството, не се говори само во медиумските написи, туку и во релевантните меѓународни извештаи, кои ги оценуваат состојбите во судството.

Поканата за претседателката на Врховниот суд Беса Адеми за „сослушување“ пред Судскиот совет“ дојде како последица на интервјуто на Адеми за порталот Сдк.мк, во кое таа се пожали на политички притисоци од политички личности од извршната власт, пред сè за именување врховни судии, но и за носење конкретна одлука во врска со иницијативата за правно оценување на аболицијата на поранешниот претседател Ѓорѓе Иванов, поднесена од адвокатот Миле Наумовски.

„Врховниот суд е под страшен политички притисок како знае и умее да ја оживее амнестијата на Ѓорге Иванов врз непостоечки член, за да се спаси Никола Груевски кој со измените на Кривичниот законик, не е доослободен комплетно. Им треба на некои партии да дојде тука за предизборни математики, а ослободувањето може да се случи само со начелен став од Врховниот суд, од кого се бара да си го погази зборот и да порекне дека аболицијата на Иванов била незаконска“ – се вели во интервјуто на СДК.мк со претседателката на судот Адеми.

Судијката Адеми во одговорот на прашање за оваа иницијатива вели дека и таа самата е плод на политички притисок.

„Вмешувањето на политиката во судството во нашата држава е присутна појава и тоа е веќе нотирано како проблем кој ја нарушува неговата независност. Факт е дека не се почитува уставното начело на поделба на власта. Постојат ситуации на обиди за директно мешање на политиката и на другите власти, поради реализација на агенди кои не се во корелација на владеењето на правото и на надлежностите на судската власт. Но ние како Врховен суд и како највисок суд во државата не дозволуваме и не смееме да дозволиме преку таквите обиди да се наруши независноста на судството и со тоа да падне неговиот углед, односно угледот и авторитетот на Врховниот суд. Не смееме да дозволиме политичките интереси да се кршат на грбот на судството“ – вели Адеми во интервјуто за Сдк.мк.

Ова интервју предизвикало голема нервоза во политичките кругови кои полагале надежи во обновувањето на аболицијата на Иванов, и евентуално отворање пат за враќање на Груевски, што пак се става во контекст на зголемување на можноста за да се реализираат уставните измени во Собранието. Дел од таа нервоза е и повикувањето на судијката Адеми пред Судскиот совет денеска да ги „објасни“ овие изјави за политички притисок врз Врховниот суд.

Наводно, за да не биде ставен Врховниот суд во улога да се негира себе си, или да даде негативно мислење за иницијативата за правно толкување на аболицијата на Иванов, најдено е „соломонско“ решение самиот адвокат и подносител Миле Наумовски да ја повлече. Како образложение тој наведува дека таа е беспредметна, со оглед на тоа што во меѓувреме се донесоа измени во Кривичниот законик, со кои „казните за овие дела биле значително намалени“, како што вели самиот пишман-подносител на иницијативата. Ова повлекување Врховниот суд на драга волја го прифатил и соопшти дека нема потреба да се расправа за иницијативата, која била токму повод за политички притисоци од извршната власт.

Целата анализа на Плусинфо на следниот линк:

https://plusinfo.mk/baraat-spas-vo-vra-a-e-na-gruevski-po-seko-a-cena-pretsedatelkata-na-vrhoven-sud-nema-namera-da-se-pravda-shto-im-go-rasipala-planot/