Министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Лавров најверојатно нема да пристигне во Скопје на министерски совет на ОБСЕ што ќе се одржи на крајот на ноември, поради санкциите на Македонија и земјите од регионот кои ги затворија воздушниот простор за руски авиони.
Шефот на руската дипломатија испратил писмо со такво барање пред неколку дена…
„Добив писмо од Лавров во кој побара да се обезбеди негово присуство во Скопје, но има одредени предизвици затоа што воздушниот простор на Македонија и на нашите соседи е затворен за руски авиони, иако по правило треба сите министри да присуствуваат на ОБСЕ во Скопје“ вели министерот за надворешни на Македонија и претседавач на ОБСЕ, Бујар Османи.
„По правило, сите земји членки треба да присуствуваат на министерскиот совет, но дали треба да бидат присутни одредени конкретни личности, ќе зависи од одлуките што треба да ги донесеме наредните денови“, рече Османи, практично одговарајќи во стилот „и да, и не“, пишува Независен.
Тој дополни дека Руската федерација секако ќе учествува со свои преставници на состанокот, но нагласи дека „ова е време кога сите треба да излезат од пристапот на сопствените државни интереси во интерес на колективните“.
На најголемиот настан во историјата на државата, како што оцени Османи, се очекуваат 76 делегации на држави од светот и над 100 светски новинарски агенции…
Собирот ќе почне со неформална вечера на 29 ноември, а на 30 ноември е формалниот дел со обраќање на министрите.







