Во скопска Мурат-паша џамија молитва за турска победа во Сирија!

Молитва за победа на турската армија која ја започена операцијата „Маслиново гранче“ против Курдите од сирискиот регион Африн била одржана вчера во Мурат-пашината џамија во Старата скопска чаршија, објави турската агенција Анадолија.



Според информацијата на „Анадолија“, молитвата ја водел советникот за верски прашања од амбасадата на Република Турција во Скопје, Мурат Алкан, а присуствувала и амбасадорката Тулин Еркал Кара.

Меѓутоа Муфтијата Ќенан Исмаили од скопското муфтиство на Исламската верска заедница за БИРН појаснил дека иницијативата за молитва дошла од турската амбасада, а муфтиството само отстапило дел од просторот и од времето.

„Молитвата се одржа во Мурат-пашината џамија. Тоа беше редовна дневна молитва, но турскиот аташе за верски прашања замоли да се направи и посебна молитва за војниците што учествуваат во операцијата во Сирија. Сето тоа е организирано од Исламската верска заедница на Турција, која побарала секаде каде што земјата има свои верски претставници, да направат молитва во врска со ова“, рекол муфтијата Исмаили.

Инаку операцијата „Маслиново гранче“ започна пред три дена, со поддршка на турската воена авијација, а во неа учествуваат тенкови и пешадиски сили, на кои им помагаат протурски борци од самата Сирија. Целта на акцијата, според турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган е да се уништат курдските воени формации во овој сириски кантон, а кои според турските власти не се ништо друго освен терористички банди.

Според курдски извори досега загинале или се повредени голем број цивили, но жртви наводно има и турската страна.

Русија инаку молчешкум ја одобри турската акција и ги повлече своите војници од Африн додека западните земји предводени од САД засега се задоволуваат само со вербално негодување.

Ова е особено индикативно со оглед на фактот дека токму САД се главните поддржувачи на курдските ЈПГ сили и благодарејќи на нивната сесрдна помош во оружје и логистика курдско-арапската коалиција „Сириски демократски сили“ држи под своја контрола големи делови на северна Сирија.
.