„Со оглед на асиметричноста на соседските договори, што ги потпиша Македонија, кои се во спротивност со највисокото право, јус когенс, според принципите на меѓународното право тие се ништовни сами по себе. Злонамерната манипулативност на Бугарија и Грција, како страни во договорите, за реализирање на нивните националистички интереси, без остварување на ветените придобивки за Македонија (напредување во евроинтеграциите), ја деградира нивната смисла во меѓународноправниот сообраќај. Поради неисполнувањето на замислената функција на овие договори и штетата што ја имаат направено за меѓународното позиционирање на Македонија, треба посериозно да се размислува како легално да ‘паднат’ овие два договора.“ – се вели во статијата со наслов „Соседските договори со Грција и со Бугарија страотен инструмент за културен геноцид и демакедонизација“ и која ја објави весникот „Нова Македонија“.
Со Преспанската спогодба се врши негација на нашиот национален идентитет
Покрај другото, натаму во статијата се наведува: Универзитетскиот професор по меѓународно право Игор Јанев е категоричен дека „поаѓајќи од фактот што со Преспанската спогодба универзално се негира нашиот национален идентитет (како признаено право и во ООН) односно се врши општа ДЕМАКЕДОНИЗАЦИЈА, наше основно право, но и меѓународноправна обврска е да го раскинеме договорот, со кој се врши културен геноцид како посебна форма на геноцид, забранет со највисокото задолжително императивно право“.
„Меѓународна обврска на Македонија е да се грижи за своите малцинства и ваквите етноцидни и културоцидни одредби во Преспанскиот договор се директно во судир со таа обврска. Пред меѓународната научна фела особено внимание привлекува нелегалната формулација ерга омнес, која се применува (покрај билатерално) и за сите други држави во светот, па дури и како елемент на дефинициите во ООН, каде што сите македонски термини ѝ припаѓаат, по редефинирањето, на Грција! Пред меѓународната заедница, особено и во ООН, Грција ја постигна својата најважна политичка цел базирана на идеолошката теза според која ‘сѐ што е македонско е грчко’.“ – вели професорот Јанев.
„Со Преспанскиот договор за нас, Македонците, правно се негира дека сме македонска нација и сѐ друго што произлегува од одредницата на нацијата. Изнегиран е националниот идентитет за нашето малцинство не само во Грција, туку ерга омнес, и во Бугарија и во другите соседни држави.“– нагласува Јанев.
Зошто Преспанскиот договор може и мора да се раскине?
Професорот Јанев несува уште неколку аргументи зошто Преспанскиот договор може и мора да се раскине еднострано. „Без тој чекор нема опстанок за Македонците! Пред ООН, како национално делегитимирани, десуверенизирани, ние веќе не сме Македонци, поаѓајќи од фактот дека сите македонски термини и категории ѝ припаѓаат исклучиво на Грција, а ние договорно се откажавме од нив! Ние сме „северномакедонци“, односно недефинирана вештачка творба, која што до преспанскиот акт лажно се претставувала како: „македонска нација“. Додавката „северна“, како национална негација за нас, Македонците, претставува вечен срам! Жиг дека ние не сме Македонци! Обврска, не само правна туку и морална, за секој чесен политичар на власт е овој жиг да го отстрани. Секој чесен Македонец не може да се помири со ваквата национална демакедонизација и одродување. Света должност за сите Македонци е раскинувањето на срамниот Преспански договор.“ – порачува Игор Јанев.
Кога Бугарија сфати какви концесии доби Грција од Македонија, реши да го активира претходно потпишаниот Договор за добрососедство, исто така асиметричен во обврските., Врз основа на конструкцијата „заедничка историја“ во текстот на договорот Бугарија успеа во преговарачката предлог-рамка на ЕУ за Македонија да ги вгради своите историско-национални асимилаторски претензии, за почеток формулирани како услов за внесување на Бугарите како конститутивно малцинство во македонскиот устав. Секако, без никаква намера за реципрочно признавање на македонскиот народ во својата земја и со отворена намера за негирање, т.е бугаризирање и на Македонците во Македонија.





