Израелските одбранбени сили (ИДФ) објавија дека ќе дозволат денеска сообраќај на патот кон јужниот дел на Појасот Газа во периодот од 9 до 13 часот по средноевропско време, напиша портпаролот на израелската војска на платформата X, порано Твитер.
Армијата објави и мапа на која е прикажан коридорот.
„Ако се грижите за себе и за вашите најблиски, тргнете се на југ според нашите упатства“, се вели во израелската објава на арапски.
Портпаролот ги повика луѓето да ја искористат можноста да се упатат кон југ за своја безбедност.
Според војската, тоа веќе го направиле најмалку 700.000 луѓе.
Во северна Газа се проценува дека останале околу 400.000 жители.
Обединетите нации проценуваат дека во Појасот Газа има 1,4 милиони внатрешно раселени лица.
Вкупно, повеќе од 2,2 милиони луѓе живеат во густо населената палестинска енклава.







