„Факт е дека ова заостанување во процесот на преговори се случило поради опструкции на наши соседи – една стара членка и една понова членка на ЕУ.“ – одговори првиот министер за животна средина и просторно планирање Тони Поповски синоќа, откако беше запрашан кој е можниот виновник за падот на доверливоста на Европската Унија во Македонија. Поповски учествуваше во емисијата „21 Анализа“ на ТВ21.
ТВ 21 пишува: „Се повеќе се гледа, особено во овие геополитички односи, не толку ефикасен начин на одлучување, бидејќи доаѓа до злоупотреба на правилата за едногласност.“ – додава Поповски.
Тој смета дека е нереално оти БИ успеала која било друга Влада во нови преговори да издејствува нова преговарачка рамка, која би ни одговарала нам. „Особено имајќи предвид дека има низа други многу посложени прашања, кои не може, а да не преовладаат со агендата на ЕУ“ – посочи Поповски.
Поповски смета дека овој процес на преговори има моќ да биде двигател на некаква промена. Тој истакна дека со тоа ќе се врати и колективниот ентузијазам во администрацијата и во општеството. „Овој процес на преговори би требало да продолжи со позабрзано темпо.“ – кажа Поповски.
Тој укажа дека треба да се комуницира со европската јавност. Според него, треба да ѝ се објасни на европската јавност придобивката од проширувањето на Европската Унија, но и што би можело да биде опасност, ако се случи да не се понуди реална перспектива.
Тони Поповски објасни зошто е оптимист дека 2030 година е реална за проширувањето на Европската Унија. „Оптимист ме прави геополитичкиот притисок. Вакви околности во Европа немало од Втората светска војна. Не мораме да бидеме безбедносни експерти, за да заклучиме дека постојат одредени процеси, кои се закани за европската безбеднос и за нашата република.“ – додаде тој.





