„Границите со Албанија и Косово ќе паднат и обединувањето ќе биде во Европа заедно со другите народи. Албаниците никому не му должат, па да останат изолирани.“ – кажа лидерот на ДУИ Али Ахмети вчера во Меморијалниот комплекс во кумановското село Сопот, каде што во 1944 година, како што е речено, „во масакр ги изгубиле своите животи 64 жители од ова село.“. Ова го објави ТВ 21. Информирајќи за својот настап на овој настан, Али Ахмети постави на својот фејсбук-профил и фотографија со плоча, на која се врежани границите на „Велика Албанија“, во која е офатено Скопје и други делови од територијата на Македонија!
ТВ 21 пишува: „Ние ќе ги тргнеме границите, како што ги тргна Европа. Бидејќи, немаме долг кон никого, па да останеме изолирани. Иднината ни е во Европа. Албанците ги отстрануваат границите со нивното зачленување во Европа, како што сме во НАТО заедно со Албанија и утре со Косово. За мене не е големо дстигнување, ако границата остане од едната страна. За мене најголемо достигнување е границите да се тргнат, бидејќи уривањето на границите е иднина и слобода на народите.“ – нагласи Али Ахмети.
Во Меморијалниот комплекс во Сопот Ахмети рече дека кога ја почнувале нивната дејност целта им била да ја прават Албанија, но и оти политиките потоа се промениле. Тој изнесе дека благодарејќи на прагматизмот, за кој се определиле денес, албанскиот јазик и албанскиот јазик се официјални и неприкосновени во оваа држава.
„Кога ја почнавме својата дејност, почнавме да ја правиме Албанија. Но се сменија политиките и ние го избравме прагматизмот, а не фанатизмот. Ние избравме Албанците да бидат државотворни во Македонија, да бидат господари и сами на себе господари во својата земја, а ова албанско знаме е денес официјално и неприкосновено. Овде е крвта на стотици војници, патриоти и Албанци. Албанскиот јазик е официјален и неприкосновен.“ – посочи лидерот на ДУИ Ахмети.
Тој кажа дека таквите масакри, како овој во Сопот, се правени врз децата со единствен мотив оти биле Албанци и дека Албанците мора да се протераат од овие простори. Но, рече Ахмети, Албанците се на својата земја и никогаш нема да попуштат. „Такви беа пораките на Чубриловиќ: ‘Убивајте ги Албанците, масакрирајте ги, исплашете ги, протерајте ги’. Но, Албанците се раѓаат како Фениксот и тоа наликува на народната поговорка: колку повеќе се жнее тревата, толку повеќе таа расте и цути. Ние сме на нашата земја, ние сме на тапиите на нашите претци и не ги напуштаме.“ – рече Али Ахмети во Сопот.





