Колемишевски: Ковачевски, Османи и Маричиќ лажат, македонскиот јазик не е признат во ЕУ – ќе биде, ако се прифати дека има бугарско потекло

„Едно од важните прашања поврзани со патот на * Македонија е прашањето за македонскиот литературен јазик. Ковачевски, Османи и Маричиќ често повторуваат дека македонскиот јазик е веќе признат во Европската Унија и оти тоа прашање нема да биде на дневен ред во натамошните преговори. Со тоа ги лажат Македонците. Бугарското собрание во 2019 година донесе декларација за непризнавање на македонскиот народ и македонскиот јазик и таа обврска ја има оставено како аманет до сите идни генерации. Во ЕУ има доставено вето и за приемот на државата и за името на јазикот.“ – вели новинарот Панде Колемишевски во својата колумна со наслов „Македонскиот јазик не е признат во ЕУ“, која ја објави весникот „Нова Македонија“.



Покрај другото, натаму Колемишевски пишува: Со донесената декларација во германскиот парламент се признаваат македонската култура, идентитет и јазик. Но, таа има повеќе симболична, а помалку практична вредност. Тоа е дел од многубројните лицемерни изјави од високи претставници на ЕУ, како и дадените од разни амбасадори, за да си ја смират совеста и да ги намалат болните чувства на загрижените Македонци. Во тој кош се и изјавите за јазикот на претседателката на комисијата Урсула Лаен.

Европската Унија има 24 официјални јазици. Во нејзините матични „книги“ го нема македонскиот како признат јазик. За да стане еден еден јазик официјален во ЕУ потребно е прво земјата да стане рамноправна членка. Се гласа со апсолутен консензус и за приемот и за јазикот. Гласаат сите 27 земји.

За признавањето на македонскиот јазик како официјален јазик на ЕУ клучен чинител се бугарските услови и барања. Официјална Бугарија не ги признава македонскиот народ и македонскиот литературен јазик. Ги смета како бугарски, најмалку до 1944-1945 година. Бугарското собрание во 2019 година има донесено декларација за непризнавање и таа обврска ја има оставено како аманет до сите идни генерации. Како што има ставено вето за приемот на државата, такво вето има доставено до ЕУ и за името на јазикот.

Како предупредување до Европската комисија во посебна декларација, доставена до сите земји-членки, Министерството за надворешни работи на Бугарија укажува дека упатувањето во документите на ЕУ на официјалниот јазик на * Македонија во никој случај „никако не треба да се толкува како признавање на ‘македонскиот јазик’ од страна на Бугарија.

Бугарската влада става до знаење дека услов за * Македонија да стане членка на ЕУ е да ја прифати толкувањето на бугарските историчари за потеклото на македонската нација и на македонскиот јазик како единствена историска вистина. Таква е вистината за македонскиот јазик во Европската Унија. Тоа е резултат од работата на македонските политичари и дипломати.