Пајазити: Ако влегуваат медиумите во авантури како политиката, ќе биде тешко да се контролира навивањето

„Телевизијата Канал 5 продолжува да ги шири тезите на нетрпеливоста и изјави со поттикнување национализам, кои се преминуваат во ужасна албанофобија.“ – вели во објавата на својот фејсбук-профил основачот и директор на информативната агенција на албански јазик Илирија-ИНА  Насер Пајазити во врска со случувањето во емисијата „Само вистина“ на ТВ Канал 5. Илирија-ИНА ја пренесе објавата под наслов „Бркањето на Исмет Рамадани опасна медиумска акробација“.



Натаму Пајазити пишува: Исфрлањето на мудриот ветеран-политичар Исмет Рамадани (макар бил и советник на премиерот) од дебатното студио од страна на директорот на оваа телевизија Мирчевски го покажува вистинското лице на овој медиум, кој не трпи слободно мислење, какво и да е.

Пред еден месец на оваа иста телевизија беше објавена тенденциозна и албанофобна вест со наслов „Нервозен арачиновец избодел двајца жители на Аеродром и се обидел со автомобил да удри група луѓе!“. Истата вест беше споделена и на фејсбук-страницата на оваа телевизија со коментар во наднасловот: Повторно ‘албанофобија’ сега и од  Основното јавно обвинителство!“ Оваа вест беше врв на една опасна медиумска акробација.

Но, во случајот со Исмет Рамадани, за кој се знае дека е многу мудар политичар со силни тези за интеграција и соживот, јасно е дека имаме работа со нетрпеливост и остар јазик на овој медиум, кој поттикнува нетолеранција и дискриминација.

Директорот на оваа телевизија во неочекуваното вклучување во живо со емисијата го зголемува сомнежот за однапред подготвено сценарио за јавен линч и протерување од студио, со тенденции за профитирање од чувствителите теми со етнички предзнак. Поради нетрпеливоста тој се лизна, велејќи дека сите што живеат во Македонија се Македонци.

Но, на ова ги додаваме и коментарите на општествените мрежи на оваа телевизија, преполни со гнев и брутална албанофобна омраза. Ако и медиумите влегуваат во авантури како политиката на прагот на изборите, тогаш ќе биде тешко да се контролира навивањето и тоа им нанесува штета на ова општество и оваа земја, кои се повикуваат на мултиетничност