Анализирајќи ја застапеноста на Албанците во власта во земјите на Западен Балкан, новинската агенција на албански јазик „Журнал“ констатира дека албанскиот народ никогаш не бил во поповолна позиција.
„Албанците во оваа деценија ја достигнаа најповолната позиција што ја имале во историјата. Од повеќе од 6 милиони луѓе распоредени во различни земји, Албанците денес уживаат национална факторизација и многу позитивен напредок. Албанците денес имаат 2 претседатели, 3 премиери, 3 спикери на парламенти, 42 министри и 276 пратеници распоредени во различни држави“, пишува Журнал.
Двајцата претседатели Албанци се Вјоса Османи на Косово и Бајрам Бегај на Албанија, тројцата премиери се Албин Курти на Косово, Еди Рама на Албанија и Дритан Абазовиќ на Црна Гора, а тројцата парламентарни спикери Глаук Коњуфца на Косово, Линдита Никола на Албанија и Талат Џафери на Македонија.
Најголем број министри Албанци има Албанија – 16, следуваат Косово со 13, Македонија со 10 и Црна Гора со 3.
Најмногу пратеници Албанци има во Албанија – 136, потоа Косово – 100, Македонија – 32, Црна Гора – 6 и по еден во Хрватска и во Србија.
„Кога се гледа мозаикот или големата слика, се создава чувство на гордост и задоволство што албанскиот народ ги докажува своите лидерски способности, водејќи и држејќи ги најважните функции во различни земји. Албанците сега веќе немаат предрасуди како необразован народ, туку како народ на кој се заснова иднината на многу земји“, заклучува „Журнал“.






