Нашава и онака сиромашна економија, ќе мора да ја плати таксата за руски гас, а ако не се ослободат количините и се оствари сценариото за енормно покачување на електричната енергија ќе биде погубно за домашното стопанство, а на крајот цехот ќе о платат граѓаните. Според познавачите, по којзнае кој пат граѓаните и стопанството се пред свршен чин да плаќаат цех поради погрешните политики на власта. Клучно е што и покрај сите досегашни кризи повторно немаме алтернатива за снабдување со енергија. Она што до сега не им успеа ниту на здравствената, ниту подоцна на економската и енергетската криза во Европа, сега тоа може да го направи едностраната мерка на Бугарија со воведување такса за транзит на рускиот гас – да го дотепа македонското стопанство.

Македонија прави енергетска стратегија на секои пет години и до пред некоја година воопшто не се ни споменуваше алтернативен гасовод. Не знам како ќе се реши проблемот , Гаспром сигурно нема да ја прифати оваа такса, треба ние да ја платиме вели Професорот Цицонков во изјава за Алфа.
Поскапување од 20 отсто на цените на струјата и на греењето, на што предупреди премиерот Димитар Ковачевски, доколку таксата остане да се применува, тешко дека би можело да поднесе и многу поразвиено стопанство од македонското, кое и онака е на климави нозе и кое се обидува да балансира помеѓу владините, често популистички мерки, намалената продуктивност и следствено на тоа конкурентноста, но и на масовното заминување на работната сила во странство.

Од испораките на гас, а и од цената на овој енергент се разбира, во голема мера зависат некои од водечките компании во клучните индустриски сектори – како на пример цементарницата УСЈЕ, потоа производителот на брашно и леб „Жито лукс“, челичниот гигант „Макстил“ (кој деновиве исплати 4,1 милиони евра на име солидарен данок кој го наметна државата), потоа уште еден важен производствен и извозен капацитет од кондиторската индустрија, „Европа“.

И покрај неколкуте пакети владини мерки за поддршка на стопанството, во време на економската и енергетската криза, овие компании самите се снаоѓаа на слободниот пазар, плаќајќи неколкукратно повисока цена на електричната енергија од нивните конкурентни во странство. Кога очекува подобра конјуктура на пазарот на енергенти, сега како студен туш дојде бугарската такса.
Бугарската такса за руски гас вчера доби амин и од Европската комисија и Бугарија сама ќе одлучува што ќе прави со собраните пари од околу 1,5 милијарди евра.





