„Теориите на заговор се шират како оган и често зафаќаат голем дел од населението. Вистински заговори постојат, ако се докажат. Но, ако во медиумите и на социјалните мрежи се тврди, во контекст на нетрпеливост и омраза, дека министерот за надворешни работи Бујар Османи ја донел одлуката за прифаќање на таканаречениот ‘француски предлог’ во интерес на соседна земја, а тоа не е аргументирано, јасно е дека злонамерно се создава заговор против нашата држава.“ – вели Мирјана Малеска, универзитетска професорка по политички науки во својата колумна со наслов „Им веруваат ли граѓаните на теориите на заговор?“, која ја објави весникот „Слободен печат“.
Покрај другото, Малеска пишува: Ако од интелектуални кругови во земјата и МАНУ постојано се испраќаат пораки дека ЕУ и САД потајно работат да ја растурат македонската држава и да го избришат македонскиот идентитет од лицето на земјата, а сите докази, од независноста до денес, одат во прилог на поддршката, што ја уживаме однадвор, тогаш не се работи само за непознавање на меѓународната политика, туку за зла намера со политичка позадина.
Теориите на заговор му штетат на општеството на повеќе начини. Истражувачкото новинарство и организации како ИМА, на кои вистината и проверката на факти им се важни, играат огромна улога во разобличување на таквите теории секогаш кога е тоа можно, во нивно аргументирано побивање, во објаснување на контекстот во кој се јавуваат, во создавање мрежа на организации и луѓе, на кои им се туѓи и неприфатливи предрасудите и политичкиот радикализам.
.





