Рамадани избркан од „Само вистина” откако ја обвини телевизијата за етничка дискриминација

Жестока дебата се случи вечерва на емисијата „Само вистина“ на Канал 5, меѓу новинарот, водител на емисијата, Александар Видиновски и гостинот, аналитичарот Исмет Рамадани, откако тој за време на интервјуто ја обвини телевизијата дека пропагира етничка дискриминација на Албанците.
На крај се вклучи и директорот на телевизија Канал 5 во одбрана на новинарот и телевизијата и побара Рамадани да ја напушти емисијата и да се прекине. Мирчевски рече дека телевизијата е отворена за сите националности, дека Албанците на ниеден начин не биле дискредитирани, а уште помалку дека имало некаква дискриминација.
Македонската асоција на новинари целосно застанува во одбрана и поддршка на Канал 5 ТВ, реакцијата на директорот Иван Мирчевски и новинарот водител Александар Видиновски како и колегата гостин во емсијата Горан Момироски, по вечерашната дебата во емисијата „Само вистина“ каде политичарот и советник во владата Исмет Рамадани неосновано ги обвини за предизвикување национална нетрпеливост.
-Со етикетирањето на национална основа, Исмет Рамадани ја загрозува безбедноста на новинарите учесници во дебата, како и на Канал 5 ТВ.
МАН ги осудува сите политичари, советници и владини функционери, како и аналитичари кои со години полесно или потешко, и без одговорност јавно навредуваат цели медиуми, новинари, ги етикетираат, па дури и ги обвинуваат за сторени кривични дела како говор на омраза или национална нетрпеливост.
Канал 5 секогаш покажува висок степен на професионализам и конструктивно етичко дебатирање во своите емисии.
Го повикуваме Исмет Рамадани веднаш да се извини до редакцијата на Канал 5 ТВ. Доколку не се извини, МАН заедно со Канал 5 Тв ќе ги преземе сите правни мерки за заштита на новинарите и медиумот“ – се вели во соопштението на МАН.