„Премиерот Димитар Ковачевски вели дека се работи на одредување на датумот на изборите, но без да уточни дали работните групи се блиску до можен договор или не. Неофицијално, најверојатната можност останува 8 мај, поточно во вториот круг од претседателските избори да се одржат и парламентарните избори.“ – објави ТВ Алсат.
ТВ Алсат пишува: На 100 дена пред избори ќе има техничка Влада. „Јавноста ќе знае кога ќе бидат точно изборите откако ќе се постигне договорот. Таа одлука ќе ја донесе Собранието. Изборите ги распишува неговиот претседател. Напролет имаме верски празници и имајќи ги предвид овие околности ќе се донесе одлука за датумот. Ќе има и техничка Влада 100 дена пред избори како што предвидува законот.“ – изјави Ковачевски.
Според ВМРО-ДПМНЕ, власта поради партиски тактизирања го избегнува договорот за датумот на изборите, што би довело до повторно вклучување на СДСМ во идната влада. Лидерот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски го повтори повикот за организирање парламентарни и претседателски избори во еден ист ден. Тој рече дека измените на Изборниот законик се одложуваат, бидејќи се претпочита да не се усвојуваат такви измени шест месеци пред изборите.
Претходно опозицијата соопшти дека нема да делегираат претставник во работната група во Министерството за правда, бидејќи се работи за технички измени, за кои би дале поддршка во Собранието. Што се однесува до барањето на опозицијата за двојни избори во редовниот термин, претседателот на Собранието Талат Џафери истакна дека единствените термини се меѓу 5 и 8 мај.





