Продуцентот на британскиот јавен телевизиски сервис Би-Би-Си, Џонатан Севиџ, во анализа ни објаснува зошто имињата се толку многу важни, особено во политиката и во меѓународната дипломатија.
Тој дава примери за две имиња во дипломатијата што се променети минатата недела.
Едното е името на улицата на која што се наоѓа руската амбасада во Вашингтон, која веќе не е на авенија „Висконсин“ туку на „Борис Немцов Плаза“, именувана според убиениот лидер на руската опозиција. За Москва ова е „нечист трик“ на САД.
Втората промена на имиња во дипломатијата се случила во Турција, каде адресата на амбасадата на Саудиска Арабија сега е „Фаредин Паша“, кој, според амабсадорот на Ријад во Анкара, вршел терор врз Мека додека била под отоманска власт. Името на улицата е сменето по наредба на турските власти откако тие оцениле дека нивниот предок е неправедно обвинет за историски невистини.
За разлика од улиците, менувањето на имиња на држави е критично, смета Би-Би-Си и дава примери со Горна Волта и Буркина Фасо, кои што веќе не постојат како имиња на држави.
Севиџ понатаму прашува како да ја нарекувате земјата што со распадот на Југославија ја вратила идејата за Македонија како нација, а во исто време тоа е и име на регион во Грција.
„Независна Македонија? Република Македонија?“, прашува авторот, кој вели дека досега преговорите донеле мал напредок и дека имињата, без разлика дали се на улици на луѓе или на држави, се важни. Во тој контекст го дава примерот со Касиус Клеј, кој по менувањето на верата долго инсистирал јавноста да го нарекува Мохамед Али.
Друг пример е фудбалерот Едсон Арантес до Насименто, за кој никој не знаеше кој е, а сите го знаеја неговиот прекар Пеле.
Севиџ вели дека има сила во изборот на името, сила во неговото менување и, како што религијата и митологијата ни кажуваат, има и моќ името да се зачува.
Според него, како ние ги нарекуваме работите се граничи со магичното, поради тоа што имињата се важни.





